Сите служби за спасување во Австрија, пожарникари и војската се ангажирани во санирање на последиците од големото снежно невреме што ја зафати земјата. Само во изминатото деноноќие во алпските делови од Австрија снежната покривка се зголемила за еден метар, што ја зголемува опасноста од лавини, кои до сега одзедоа најмалку 13 животи, а голем број лица, меѓу кои и туристи се водат за исчезнати. На места наносите од снег достигнале неверојатни десет метри, соопштија австриските власти.

Снегот непрекинато врне и натаму. Се очекува снежната покривка во планинските делови од земјата каде повеќе ски центри се затрупани во снег, денеска да се зголеми за уште еден метар. Дополнителен проблем претставува олујниот ветер кој во планинските делови дува со јачина од 100 километри на час.

Лавините покрај тоа што одзедоа до сега десетици животи уништија и големи делови од патната инфраструктура во одредени делови од земјата. На места уништени се стотици метри патишта и друга сообраќајна инфраструктура. Штетите се милионски и растат од час во час.

Добра вест во мноштвото лоши е спасувањето на 11 туристи од планинарски дом во близина на Салцбург, кои од петокот беа отсечени од светот со малку храна. До нив вчера стигнаа спасувачките служби.

Поради снежното невреме откажан е тренингот за спустот од Светскиот куп кој требаше да се одржи во четврток, како и натпреварите од Светскиот куп во санкање, а многу ски центри се затворени.

Снежното невреме зафати и делови од Германија, како и други земји од Европа.

OhridNews