Во понеделник, на 21.05.2018 во 13 часот, пред зградата на Министерството за култура на Република Македонија ќе се одржи прес конференција по повод информациите за смена на министерската позиција во ова министерство.

Зад ставовите кои ќе бидат изложени на оваа прес конференција стојат засегнати

Претставници кои работат во полето на културата, претставници на институции, на независниот културен сектор, на здруженија од културата, уметници и граѓански активисти, реагираат на најавите на владата за смена на министерот за култура

-Реагираме и од државните претставници бараме сериозен и одговорен однос спрема Министерството за култура кое, за жал, до неодамна, цели 11 години, претставуваше инструмент за спроведување авторитарни политики и за реализација на мегаломанскиот и нетранспарентен проект СК014, кој ги осиромаши граѓаните и ја уназади културата во Република Македонија. – велат од асоцијацијата на независната културна сцена „ЈАДРО“.

Според “ЈАДРО“ ова министерство заслужува раководител преку кој Македонија стратешки ќе ги обликува вредностите на културните политики, кои се дел од новата Стратегија за култура на Република Македонија, а во чие изготвување учествуваа многу засегнати културни актери.

-Владата на изборите ја доби поддршката, меѓу другото, и од граѓанските активисти и од независниот културен сектор, врз основа на најавениот нов, демократски, отворен, ненационалистички и граѓански систем на идеи и вредности. Не смееме да дозволиме овој процес да запре со смената на министерската позиција. Прашуваме со кое право ова за нас клучно министерство Владата сега го „продава“ на партија чија идеолошка позиција, реторика и ставови целосно се косат со вредностите зад кои стоевме сите заедно, а кои се отелотворени во новата Национална стратегија за културен развој? – велат од „ЈАДРО“ и бараат итно повлекување на одлуката на владата.

OhridNews