Денес го видовме тоа што сите го знаат и го гледаат откако СДСМ и Заев дојдоа на власт. Судот го спроведе тоа што Зоран Заев го напиша, истакна Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, на пресконференцијата по повод изрекувањето на пресудата на екслидерот на ВМРО ДПМНЕ и премиер Никола Груевски, кого судот го осуди на 2 години затвор за случајот со набавката на блиндирано возило „Мерцедес“ во јавноста познат како „Тенк“.

-Денеска видовме во живо како функционира политички суд и како се изрекуваат политички пресуди. Го видовме на дело непринципиелниот брак помеѓу власта на Заев и судот. Бенефиците од овој брак сега се во корист на Заев, но многу брзо ќе се свртат на негова штета. Тоа оди правопропорционално со добивањето и губењето власт. Така функционира нереформираното и клиентелистичко судство. – рече Николоски.

Тој истакна дека судот не го интересираат ниту докази, ниту факти, ниту аргументи, туку само реализацијата на политичките нарачки на Зоран Заев и СДСМ за пресметка со сите кои што мислат поинаку. 

-Во време кога власта прифаќа секакви отстапки, во време кога граѓаните се сведоци на масовен грабеж, осиромашување и пад на економијата, судот ја прифати улогата на изршител на наредбата за дефокусирање од вистинските проблеми и сеење на страв меѓу сите кои мислат поинаку. Пораката која што Заев и СДСМ преку судот ја испраќаат е јасна и вели дека не е важно дали има каква било основа или доказ, затоа што да бидеме искрени ова е дело на кое се смеат сите правници, важно е дека секој што се спротивставувал и ќе се спротивставува на антидржавните политики може да заврши со осудителна пресуда. – додаде Николоски.

Според потпретседателот на ВМРО ДПМН,  пресудата не е пресуда заради тоа што некој се стекнал со противправна имотна корист, или заради тоа што и била направена некаква штета на државата, затоа што штета нема. Мерцедесот и сега се вози, не си го зема Никола Груевски дома. – додаде тој.

-Ова е пресуда која има повеќе цели, тие се Никола Груевски кој беше симбол за зачувување на националните интереси, економски успеси, привлекување инвеститори, реформи, зголемување на плати, пензии, социјална помош, субвенции, градби и се друго да се засени и да биде политички дисквалификуван. Во овие три дена македонската јавност се убеди дека во Македонија се водат чисто политички монтирани процеси. Правдата има двојни аршини. – истакна Николоски.

OhridNews