Софистицираните камери од системот „Безбеден град“, поставени на автопатот во изградба Охрид – Кичево, кај Ново Село, дневно регистрираат околу десет сообраќајни прекршоци. Најголем дел од нив се поради пречекорување на дозволената брзина, што според полицијата е сериозен показател за висок степен на сообраќајна недисциплина.

Од СВР Охрид посочуваат дека бројката е загрижувачка, особено ако се има предвид дека станува збор за делница која сè уште е во изградба и каде условите за сообраќај дополнително бараат внимателност од возачите.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски, информира дека системот „Безбеден град“ во Охрид и Струга се наоѓа во завршна фаза на тестирање и се очекува наскоро целосно да биде ставен во функција. Камерите веќе се тестираа на повеќе локации, меѓу кои кај Рача и на влезот во Охрид од правец на Битола.

Системот треба да овозможи поефикасно следење и санкционирање на сообраќајните прекршоци, со посебен акцент на брзото возење, минување на црвено светло, непрописно паркирање и други прекршоци кои директно ја загрозуваат безбедноста на учесниците во сообраќајот.

Во периодот додека системот не биде целосно оперативен, полицијата најавува засилени сообраќајни контроли во градските средини, но и на патните правци надвор од Охрид и Струга. Контролите ќе се реализираат и со мобилни радари, со цел навремено откривање на прекршителите, намалување на ризикот од сообраќајни несреќи и подигнување на сообраќајната култура.

Спотед најавите, во рамки на системот „Безбеден град“ во Охрид поставени се околу 40 софистицирани камери на сите позначајни сообраќајници, на влезовите и излезите од градот кон Битола и Скопје, по автопатот кон Кичево, на патот кон граничниот премин Св. Наум, како и на најфреквентните улици во градот, меѓу кои булеварите „Туристичка“ и „Железничка“. Посебно се опфатени и делниците кон плажите, каде во летниот период се бележи зголемен сообраќаен интензитет.

Г.М.