Намалени расходи на општината, транспарентна и отчетна локална власт, подобрена патна и водоводна инфраструктура, зголемена социјална сигурност, е само дел од постигнатото на актуелната локална власт на општина Дебрца во изминатиот двегодишен период, содржано во отчетот на градоначалникот Зоран Ногачески, кој денес беше презентиран пред јавноста.

  • Од првиот ден откако ми ја дадовте довербата, се зафатив со одговорна, чесна и домаќинска работа во насока на подигнување на квалитетот на живеење на граѓаните и оддржлив развој на нашата општина. Две години е доволен период за да зборуваме за конкретни резултати, за повеќе завршени проекти, за уште поголем број отпочнати проекти на кои во моментов активно се работи. Ветивме одговорно и домаќинско управување со општинските ресурси и драстично намалување на сите непродуктивни трошења. Во 2018 година имаме намалување на трошоците за дневници за службени патувања, репрезентација, списанија, весници и други изданија, телефон, правни услуги, услуги за копирање, издавање и други. Само на овие расходи вкупната заштеда во 2018 година изнесува 729.666 денари. За две години износот на потрошени средства за дневници и репрезентација на градоначалникот изнесува 0 денари, рече градоначалникот на општина Дебрца, Зоран Ногачески.

Ногачески потенцира дека во текот на изминатите две години, како што и било ветено, општинската власт работела транспарентно, усвоени биле неколку стратешки документи за развој на руралниот туризам. Вложено е во образованието, при што санирано е подрачното училиште во Требеништа, поставено е централно греење во училиштето во Мешеишта, набавени се надгледни средства и помагала за општинското основно училиште.

  • Воведовме повеќе мерки за мотивирање на учениците да постигнуваат високи резултати во образованието, бесплатна ужинка за сите ученици во основното образование, бесплатни еднодневни ученички екскурзии, директна финансиска поддршка за талентирани ученици, ученички стипендии за ученици од средното образование, студентски стипендии, доделување на награда Првенец на генерација и ученици на генерација во основното образование, а инвестиравме и во подобрување на спортската инфраструктура, рече Ногачески.

Додаде дека е вложено и во зголемување на социјалната сигурност, доделена е помош за социјално загрозени лица, како и субвенции за склучување брак и новороденче, а во континуитет се подржуваат и активностите на пензионерите.

Градоначалникот на Дебрца нагласи дека е инвестирано и во подигнување на квалитетот на комуналните услуги, како и во подобрување на патната мрежа, при што се извршени низа асфалтирања на улици, изградени се тротоари, решен е проблемот со атмосферските води на две улици во село Мешеишта, санирани се мостови, а во зимскиот период редовно се врши одржување на патиштата.

Во својот отчет Ногачески наведе и дека е инвестирано во подобрување на водоводната инфраструктра, се извршила санација на неколку општински и објекти на месни заедници, овозможена е финансиска поддршка на културните содржини, а во однос на екологијата-исчистени се депонии во општината, а редовно се чистат и речните корита и канали.

Во однос на проектите кои се започнати или за кои се обезбедени финансиски средства, Ногачески, меѓу другите ги наведе изградбата на секундарна фекална канализација во Волино, реконструкцијата на патниот правец за село Арбиново, доизградбата на патниот правец село Волино– село Мороишта, изградбата на резервоар за водоснабдување на село Издеглавје, уредување на патека и поставување на летниковци на Слатинско Езеро.

OhridNews