Најмалку две влијателни земји членки основачи на Европската Унија сметаат дека за Македонија и за Албанија не се исполнети услови да се отворат преговори за членство. Ова е трета точка од нон-пејперот кој синоќа го објави Макфакс, пренесува телевизија Телма. Според неофицијалните информации на телевизјата, нон пејперот е дело на Франција и Холандија, а поддршка за него стигнала од уште две членки- основачи на Унијата, Белгија и Луксембург, како и од Данска. Во нон пејперот има критики дека итните реформски приоритети зададени од Прибе не се доволно брзи за да бидат наградени со почеток на преговори, иако е спомнато дека има реални промени во општата атмосфера во државата.

„Имплементацијата на новите судски реформи само што започна и треба долгорочен напредок и континуирана промена во однесувањето. Неопходни се повеќе напори за да се обезбеди регрутација врз основа на заслуги и деполитицизација на јавната администрација (заробена држава)“ се наведува во документот.

Во анализата на Телма се наведува дека Француско-холандската коалиција очекувала и поефикасен напредок во борба против корупцијата.

„Борбата против корупцијата и организираниот криминал се уште не даде задоволувачки резултати: и покрај поставената правна и институционалната рамка, корупцијата преовладува во многу области и продолжува да биде сериозен проблем, додека пак капацитетот на институциите за ефективно справување со корупцијата покажува структурни и оперативни недостатоци, меѓу кои е и политичкото мешање“.

Нон-пејперот бил презентиран на самитот во Софија пред десетина дена. Поради тоа, според изворите на Телма, во Бугарија следувале и интензивни дипломатски напори за докажување дека има напредок во посочените области, а истото му го кажал и премиерот Заев на францускиот претседател Емануел Макрон на нивната средба на самитот. Владата денеска со одговор дека најголем дел од членките на ЕУ го поддржуваат почетокот на преговорите со Македонија, после решавањето на спорот со името, иако и во Брисел постои дебата за проширувањето. Од владата велат дека по решавањето на спорот, државата веднаш ќе стане членка на НАТО и портите на Унијата ќе се отворат уште поодлучно. Во одговорот од владата секаде е наведено Македонија, без република.

„Македонија е на вистинскиот пат, а темелните реформи се признаени и препознаени од цела Европа и од сите земји членки на ЕУ. Сите земји членки на ЕУ сметаат дека Македонија треба да продолжи по овој пат и да го интензивира прогресот. За тоа говори и последната оценка на Европската Комисија со која Македонија е оценета за најдобра во регионот на Западниот Балкан и Турција за спроведување на препораките во економската програма за реформи“, велат од Владата на РМ.

Опозицијата пак, смета дека СДСМ не ги спроведува бараните реформи во интерес на граѓаните. Александар Николовски рече дека со нон-пејперот се потврдиле неговите изјави дека функционери од Македонија работат на стагнација, за да Албанија ја стигне државата. Побара одговорност и за други работи, неспомнати во нон-пејперот.

Во нон-пејперот стои, одлуката за почеток на преговори да се остави за после европските избори 2019-та бидејќи во моментот ЕУ се наоѓа во чувствителна фаза на реформи за зачувување и одржување на проектот на кој земјите-кандидати имаат намера да се приклучат еден ден.

извор: Тв Телма