Новиот Електронски систем за евалуација на ризик, што од вчера е ставен во употреба, ќе овозможи електронско одредување на вршење на контрола кај ризични даночните обврзници.

Софтверот овозможува електронска селекција на даночни обврзници за контрола врз основа на однапред утврдени и интегрирани критериуми за ризик. Критериумите за ризик се всушност софтверски имплементирани правила врз основа на кои се генерира листа на ризичните обврзници за контрола. Овие правила се сет на математички и логички алгоритми кои вршат споредба и впарување на расположивите податоци од базата на податоци на Управата за Јавни Приходи, а се изготвени врз основа на најдобрите меѓународни практики и искуства кои се адаптирани на македонскиот даночен систем.

Со овој софтвер се обезбедува објективна селекција на даночните обврзници за контрола, при што значително се намалува човечкиот фактор а со тоа и субјективноста во процесот на селекција на даночните обврзници за контрола. Во досегашната пракса Управата за јавни приходи користеше полуавтоматизирани процеси и софтвер за вршење на анализа на ризик, а со новиот софтвер се овозможува речиси целосна автоматизација на овие процеси. Со оваа автоматизација на процесите се очекува зголемување на ефикасноста на надворешните контроли од причина што селекцијата на даночни обврзници ќе се базира на софтверот за анализа на ризик, односно предмет на надворешната контрола ќе бидат само оние даночни обврзници кои ќе бидат утврдени како ризични.

На овој начин ресурсите на Управата за јавни приходи ќе се користат многу поефикасно односно истите ќе бидат сразмерно и соодветно насочени спрема утврдениот ризик. Дополнителен бенефит од користење на овој софтвер ќе имаат даночните обврзници бидејќи ќе се намалат неефикасните контроли односно даночните обврзници многу помалку ќе бидат оптоварени со непотребни контроли на Управата за јавни приходи. Ваков софтвер се користи од страна на речиси сите модерни даночни администрации и истиот претставува основна алатка на функцијата ,,анализа на ризик”. Во однос на регионот најголем дел од земјите од регионот или веќе користат или се во фаза на развивање на истиот.