Потпишан договор за имплементација на проект од Грант програмата за мали проекти за човекова безбедност (GGP), преку кој Амбасадата на Јапонија доделува вредна донација на охридската Општа Болница. Вредноста на проектот е 60.000 евра, а средствата ќе бидат наменети за набавка на нов подвижен рентген апарат, со кој значително ќе се подобрат условите во хирушкиот блок и ќе се подигне квалитетот на здравствените услуги за пациентите во Охрид.

Добиен е грант за набавка на дигитален подвижен ренген апарат за потребите на хируршкиот блок по изработен проект од страна на Општа болница Охрид. Истиот ќе најде примена во оперативниот блок, интензивна нега, хирургија, урологија, секаде каде што ќе има потреба. Бидејќи болницата е павилјонски тип нема да има потреба пациентите од тука да ги носиме на ренген, туку снимањето ќе се прави на хируршкиот блок, вели директорот на болницата, Горан Балески.

Балески потсетува дека во 2016 година од страна на Амбасадата на Јапонија беше донирано амбулантно возило и потенцира дека и во иднина ќе аплицираат со проекти.

Договорот за грант го потпишаа Амбасадорот на Јапонија, Савада Хиронори и директорот на Општа Болница, д-р Горан Балески во присуство на грaдоначалникот Кирил Пецаков.

Вредната медицинска донација е уште еден важен пример за нашето долгогодишно пријателство и меѓусебна соработка. Оваа можност сакам да ја искористам и да искажам јавна благодарност за целокупната досегашна помош од страна на амбасадата на Јапонија и сите успешно реализирани проекти во Општина Охрид. Искрено се надевам дека и во иднина ќе воспоставиме низа нови партнерства за институционален развој и градење капацитети во повеќе општествени сегменти, истакна во своето обраќање градоначалникот Пецаков.

Потенцираше дека Локалната самоуправа и во иднина ќе продолжи да дава поддршка и да биде вклучена во реализација на важни проекти, со кои се обезбедуваат подобри здравствени услови во Охрид.

Во рамки на својата посета на Охрид, Абасадорот Савада Хиронори оствари и протоколарна средба со градоначалникот Кирил Пецаков на која беше разговарано за можностите за идна соработка, за економскиот развој на општината и можностите за поголема туристичка промоција на културното и природното наследство на Охридскиот регион.

Н.С.Ј.