Министерството за транспорт и врски  го објави повторениот повик за субвенции за евтини авиолинии за домашни и странски авиопревозници кои ќе оперираат од Скопскиот и Охридскиот аеродром.

Објавата следи по поништувањето на повикот во минатиот месец откако беа констатирани административни пречки кај единствената доставена понуда.

Според министерот за транспорт и всрки Горан Сугарески, со новиот повик се направени мали измени во уредбата и програмата со цел да се привлечат што повеќе компании да аплицираат.

Според условите на повикот, авиокомпаните ќе имаат обврска до 10 јануари следната година да воспостават база од најмалку еден авион на скопскиот или охридскиот аеродром. До 10 јануари треба да започнат со оперирање на најмалку две нови дестинации од аеродромот во Скопје и на најмалку две нови дестинации од охридскиот аеродром, од каде во рок од една година по склучување на договорот ќе треба да воспостават уште две линии.

За секоја нова дестинација од аеродромите во Скопје и Охрид на избраната авикомпанија ќе ѝ се исплаќа еднократен надомест од по 40.000 евра, а се субвенционира и секој патник во заминување во тек на субвенционираниот период.

Компаниите што ќе аплицираат на повикот, меѓу другото, треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварено профит од 25 милиони евра минатата година.

OhridNews