Полни стомаци-празни срца, полни џебови-празни очи, широки насмевки-тажни погледи, весели песни-расплакани души, црвени кармини-црни мисли, големи друштва-малку другари… Глумци без дипломи, судии без порота, светци без ореоли, луѓе без човечност, хуманисти од помодарство, сиромаштија во скапи коли и одела… предновогодишно лудило од контрадикторности!

Кај се изгубивме во трката со „подобриот јас„? Стремејќи се кон подобар живот, самите станавме лоши. Борејќи се за подобро утре, заборавивме да живееме денес. Грабиме високи цели,газејќи се едни со други и после срдечно посакувајќи си „Среќна Нова Година„, ма дај… Нема ништо среќно во општото глумење лудило, нема ништо хумано во донација со која сакаш да испериш свој грев а не да помогниш, нема ниеден елемент на човечност во газење по туѓи плеќи за да си обезбедиш комоција, никако не треба да се смета за среќен оној кој предизвикал повеќе солзи од насмевки.

Празни честитки, ветувања и завети – не се важат, другари… Нова Година е за љубов: гушни некој, подари искрена насмевка, јави се кај старците, стопли нечие детско срценце…онака, за да знаеш дека некому е убаво благодарение на тебе. Сите највредни нешта се бесплатни, само „коштаат“ љубов. Љубовта е најјаката валута на светот, а ја има секој од нас и единствено таа се множи само кога се дели.

Не е важно каде и со кого ке си, колку ке потрошиш и како ке изгледаш, на крај ќе останиш сам со себе и ќе треба да се запрашаш: дали бев добар оваа година? Имаш ли доблест да си одговориш искрено? Имаш храброст да си признаеш дека треба во новата година да работиш на себе многу повеќе од лани?Дали си подготвен да побараш од животот нови 365 дена за да си докажеш дека Ти можиш многу подобро и да си ветиш дека така и ке биде? Ако секој од нас успее да е подобар од лани, неминовно сите други ќе бидат посреќни па макар и да не им посакаме на ниедна социјална мрежа-одговорно тврдам. Среќата на другите делумно зависи од секој од нас, бидете добри луѓе, не совршени, не безгрешни, само добри, доволно е….

Љубете и бидете љубени во Новата!

Марика

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите