Во рамки на нова истрага на СЈО, денес, се приведени неколку лица. Од СЈО официјално не ги потврдуваат имињата на приведените, а според неофицијални информации, меѓу нив е бизнисменот Орце Камчев. Новата истрага на СЈО е поврзана со перење пари, злоупотреба на службен адолжност, и повластување доверители.

Новата истрага од страна на СЈО под кодното име „Империја“ е против Орце Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.

„Оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело. Во текот на предистражната постапка, со преземање на различни истражни дејствија, како и со примена на посебни истражни мерки, се обезбедени доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост“, стои во соопштението на СЈО.

Специјалното јавно обвинителство од 6 часот утринава вршеше претрес во „Орка холдинг“, компанијата на бизнисменот Орце Камчев.

 

OhridNews

Макфакс