Долго очекуваната изградба на марина ќе започне наскоро, информираат од локалната самоуправа. Реализацијата на овој капитален проект кој се најавува со години, ќе ја помогне владата со средства со државниот буџет. Исто така ќе се градат и нови пет плажи и пешачка патека на потегот од градското пристаниште до населбата “Канео“ а потоа во втора фаза изградба на патека од “Канео“ до “Лабино“, велат од локалната самоуправа.

-Дефинитивно со новата програма на Владата на Република Македонија, Охрид е застапен со изградба на пет современи плажи кои што се планира да  бидат изградени така како што ние првично како Локална самоуправа предложивме, односно  четири плажи на потегот од месноста Лагадин до Пештани и една плажа од месноста Грашница, па се до хотелот „Далјан“. Изработката на проектот ќе започне во текот на 2014 годин, а во 2015 и 2016 година дефинитивно овие плажи ќе бидат изградени и уредени. Што се однесува до изградбата на марината во оптек се две локации, едната е локацијата во централното градско подрачје до старото градско пристаниште и втората локација е некаде околу каналот Студенчишта за која што треба да се остварат и некои други предуслови за да би можеле да го реализираме овој проект, изјави градоначалникот Никола Бакрачески.

Тој додаде дека во овој момент се преговара со Министерството за внатрешни работи и со Министерството за одбрана околу можноста за дислокација на двата објекти што ги користат кај Студенчишта.

-Доколку тие бидат дислоцирани  во оптек е и  опцијата градската марина да се изгради околу каналот “Студенчишта“.-рече Бакрачески.

Во тек се подготовки и за изградба на пешачка патека од пристаништето до Канео.

-Ние во текот на наредната недела ќе имаме состанок со Министерството за транспорт и врски  кои што всушност се иницијатори на овој проект и кои што обезбедија средства за изградба на  пешачка патека  за која што во овој момент можам да кажам дека охриѓани имаат различно мислење. Голем дел од нив од одамна бараат нејзина изградба, а помал дел од нив имаат негативно мислење во однос на изградбата на оваа патека. Ние сепак првично ќе ги разгледаме заложбите на Министерството за транспорт и врски, ќе видиме како ќе изгледа проектот и каква ќе биде намената,  па дури потоа можеме на некој начин во една поширока дискусија со граѓаните на Охрид ја разгледаме оваа идеја и потоа да ја реализираме, соопшти градоначаникот Бакрачески.

    OhridNews