Со осум автобуси околу 180 македонски државјани кои пристигнаа од Берлин со чартер лет на скопскиот аеродром, попладнево се упатија хотелот „Цар Самуил“ во Струмица, каде ќе бидат во следните 14 дена во задолжителен државен карантин.

Министерот Филипче на социјалните мрежи објави форографии од автобусите со дезинфицирана внатрешност, опремени со закуска и вода и возачи со целосна безбедносна опрема.

Но, вчера, повратници од Европа кои во државен карантин се упатија во хотелот „Дестарет“ во Охрид, ги критикуваа условите при транспортот. Тие се пожалија на нехумани услови во автобусите, каде според нив, немало вода и храна, како и дека во некои од нив било дозволено пушење.

Министерот Филипче на денеска одржаната пресконференција рече дека мерката е нова и не е исклучено да има проблеми кои може да се изменаџираат на лице место. Тој упати апел да не се стигматизираат граѓаните кои се враќаат во земјата од странство, посочувајќи дека државата ги презема неопходните мерки за безбедна реализација на неопходниот карантин.

Се работи за наши граѓани кои се враќааат во својата земја од различни страни на светот. Во вакви моменти секој се чуствува најбезбедно дома, меѓу своите најблиски. Овој модел мораме да го поддржиме, за доброто на сите. Им благодариме на сите колеги по институциите кои деноноќно и посветено работат на безбедно враќање на нашите граѓани дома. – напиша Филипче.

OhridNews