Нови 40 наслови на аудио книги наменети за слепи и лица со оштетен вид  беа промовирани вчера во рамки на проектот „400 аудио книги за лица со оштетен вид“. Новите аудио книги се лектирни изданија, односно лектири од основното и средното образование.

-Слепите и слабовидните  лица и деца ги имаат истите потреби како и лицата кои гледаат, ги поседуваат истите вештини и можат да дадат многу во сите текови на општествениот живот. Како ресорен министер, не само што чувствувам должност, туку ми е чест да ги подржувам во сите нивни настојувања. Со Националниот сојуз имаме интензивна комуникација и соработка која вродува со бројни иницијативи и проекти, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на промоцијата на аудио книгите.

Тој објасни дека овој проект бил инициран од големата потреба за оформување фонд за аудио книги.

– Се предвидува снимање аудио книги секоја година, од различен жанр како белетристика, детски лектири, стручна литература која ќе послужи за едукација во училиштата, но и надвор од нив. Морам да споменам дека истите се изработувани по највисоки стандарди во читањето и изговорот, а изборот на литературата е правен во консултации со Националниот сојуз на слепи лица и Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов”, рече Спасов.

Досега на располагање се ставени 40 наслови на аудио записи во септември минатата година кои Македонското радио-Радио Скопје ги отстапи  за потребите на слепите лица. До крајот на март ќе бидат снимени уште 60 книги, а во март ќе биде распишана јавна набавка за снимање на уште 200 книги. Промовираните наслови ќе бидат достапни во НУБ „Св.Климент Охридски“ во Скопје, во Одделението за слепи и слабовидни лица. Аудио книгите ќе бидат достапни и во државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид, и во Националниот сојуз на слепи лица.

OhridNews