Вчеравечер Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ одржа седница на која се разговарало за актуелната политичка ситуација. Како што стои во известувањето од ВМРО ДПМНЕ, Централниот комитет ја анализирал политичката и економската ситуација. Било заклучено дека порастот на бруто домашниот производ на крајот на годината не е ниту во позитива, владеењето на правото е загрозено и воопшто не се подобрува ситуацијата со правосудниот систем и дека криминалот и корупцијата во државава стануваат официјална политика, а полицијата не презема никакви чекори за справување.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најавил дека во наредниот период ќе отпочне теренски средби со граѓаните низ целата држава, се со цел да се слушнат проблемите и сугестиите на граѓаните, за потоа да се понудат програмски решенија на истите.

ВМРО-ДПМНЕ и понатака стои на ставот дека во преговорите со Република Грција не треба да се задира во идентитетот, јазикот и Уставот, бидејќи тоа ќе биде погубно за нашата држава, се наведува во соопштението.

Во однос на кадровските прашања, досегашниот член на Извршниот комитет Златко Перински е назначен за шеф на кабинетот на Претседателот Христијан Мицкоски, со што беше констатиран престанокот на неговиот мандат во Извршниот комитет.

OhridNews