Во текот на наредните две години неколку охридски улици и села ќе добијат нова фекална и атмосферска канализација. Ова е предвидено во рамки на „Програмата за изградба на системи за одведување и прочистување на отпадна вода oд 2016 до 2018 година “, која ја изготви општина Охрид.

Според планираното, изградба на улична фекална канализација е предвидено за дел од улиците „Железничка“, „Коста Абраш“, „Александар Турунџев“,„Сирма Војвода“, „Прилепска“ и за крак од улицата „Абас Емин“. Нова фекална канализација се очекува да биде инсталирана и на дел од краците на улиците „Кирил и Методиј“ и „Охридска Бригада“.

Реконструкција на системот за одведување на фекални води се планира и за улиците „Јане Сандански“, ,,Александар Гушо“ и ,,Кочо Рацин“, а  во рамки на програмата е предвидена изградба на канализациона мрежа на улицата „Стив Наумов“ како и изградба на фекална канализација на улицата „Илинденска“.

Освен градските улици, нова улична канализациона мрежа ќе добијат и селата Пештани, Подмоље, Орман, Трпејца, Коњско, Долно Лакочереј и Горно Лакочереј како и населбите Елешец и Свети Стефан. Изградба на нова фекална канализација е предвидено и за неколку улични краци во селото Велгошти. Исто така нова фекална канализација ќе добие и населбата Исток, а во населбата Рача се планира доизградба на канализационата мрежа.

Со средства од Буџетот на Република Македонија ќе биде извршена втората и третата фаза од изградбата на уличната фекална канализација во село Лескоец, а со кредит од Светска Банка ќе биде изградена атмосферската канализација и ќе биде реконструирана фекалната канализација на улицата „Абас Емин“, а ќе биде извршена и реконструкција на атмосферска канализација  на улицата „Јане Сандански“. Исто така планирана е изградба на атмосферска канализација во урбаните заедници „Воска“ и „Ристо Чадо“.

Според двегодшната програма, нова атмосферска канализација ќе биде поставена на дел од улиците „7-Ноември“, „Марко Цепенков“ и „Момчило Јорданоски“, а нов систем за одведување на атмосферски води ќе биде инсталиран во урбаната заедница „Билјанини Извори“ и во населбата „Охридати“. Во рамки на програмата се планира и изградба на атмосферска канализација во урбаната заедница „Стар град“ и изградба на атмосферска канализација на шеталиштето од Студенчишта до хотел Парк.

За реализација на двегодишниот план за изградба на системи за одведување и прочистување на отпадна вода потребни се околу 620 илјади евра или точно 38.100.000 денари, а од Буџетот на општина Охрид за тековната 2016 година планирано е да бидат издвоени околу 230 илјади евра или точно 14.500.000 денари.

OhridNews