Во новите контроли на ЕВН Македонија, МВР и истражните судии, откриени се 12 кражби на електрична енегија во Охридскиот регион. Извршените 142 технички контроли на мерните места покажале дека 11 корисници ги манипулирале броилата, а еден корисник неовластено користел електрична енергија со премостување на броилото.

Како што соопшти ЕВН, со контролите се утврдени и 20-тина кражби на броила за кои е поведена и соодветна истрага. Против корисниците се поднесени пресметки за неовластено користење и кривични пријави. Со новите измени во кривичниот законик, оние кои го направиле ова кривично дело може да бидат осудени и на казна затвор до 5 години.

Од почетокот на годината, екипите на ЕВН Македонија во Охрид, Ресен и Дебарца од направените над 600 контроли, откриле над 58 кражби. Судска разрешница чекаат и 40-тина случаи кои се откриени на крајот на минатата година. 

Во целата земја за првите два месеца се откриени 370 кражби, направена е штета од 650 илјади евра,  а крадците „изгореле“ 4,5 милиони киловат часови електрична енергија. Од кражбите не е оштетена само ЕВН, туку и државата по основ на неплатен данок за украдената енергија. На голема опасност по животот и здравјето се изложени корисниците кои живеат во близина на кражбите,  бидејќи често се случуваат експлозии и пожари.

OhridNews
извор: МИА