Четвртото издание на Охридскиот вински фестивал, настан кој полека но сигурно станува попрепознатлив белег на туристичка понуда на градот, започнува утре и ќе трае до сабота, 28 јуни. Во трите фестивалски денови охриѓани и туристите и годинава ќе можат да уживаат во квалитетното вино, закуските и одличниот избор на музичките перформанси.
Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, на денешната прес-конференција истакна дека Фестивалот и оваа година ќе понуди вистинско уживање на брегот на Охридското Езеро – со дегустација на најдобрите македонски вина, богата музичка програма и весела атмосфера, пред самиот старт на летната сезона во Охрид.
Би сакал посебно да нагласам дека и оваа година се погриживме музичката програма да биде исполнета исклучиво со настапи на македонски естрадни ѕвезди – кои ќе приредат незаборавна забава. Благодарност до Македонските винарии кои во континуитет ја препознаваат можноста за презентација на својот бренд и оваа година ги имаме во голем број. Општина Охрид и понатаму ќе продолжи да ги поддржува ваквите настани, кои не само што ја збогатуваат забавната понуда за нашите гости, туку отвораат нови можности за промоција на домашните производи и за развој на туризмот како една од нашите клучни гранки.
Отворањето на фестивалот е утревечер со DJ Gec, Backdoor band, Тамара и Brass brothers. Вториот фестивалски ден, петок е резервиран за „Куку Леле“, Дац и Александар, „Пауза за ракија“, DJ Nasti и Urban planet. Третиот фестивалски ден, во сабота, за забавата ќе бидат задолжени „Ареа“ и Влатко Лозановски, „Kамелеон“ и DJ Jana.
Ве поканувам сите да бидете дел од фестивалот, да го споделиме заедничкото уживање и уште еднаш да покажеме зошто Охрид е синоним за традиција и гостопримство, додаде Пецаков.
Пане Темов од „Крафт Продукција“, организатор на настанот, посочи дека годините наназад граѓаните и туристите покажаа дека ги сакаат виното и музиката и уживаат во самиот настан.
Оваа година имаме неколку нови сорти на вино од нашите винарии и мислам дека ќе биде интересно да се пробаат новите сорти од винариите. Среќен сум што и оваа година ќе се дружиме со наши артисти и наша музика. Секоја година се трудиме да донесеме некои нови винарии. Оваа година е Монтеко кои имаат некои 9-10 врсти на вино. Сите винарии што беа минатата година се и годинава дел од Фестивалот. Имаме и увозници на Шпанско вино. Секоја година имаме околу 25 винарии и над 200 сорти на вино, посочи Темов.
Винариите, истакна, учествуваат за промоција на нивните производи, а не за профит на ниеден фестивал од ваков тип.
Но, промоцијата е голема и имаат понатамошен бенефит. Конкретно ваков тип на настани е за промоција и се нудат вина по промотивни цени. Во рестораните вината се многу поскапи. Концептот е ист и годинава. Сакаме промоцијата на виното да биде како еден човек што би сакал да го конзумира. Да биде во стаклена чаша, бидејќи најмногу се чувствува вкусот на виното во стаклена чаша. Годинава ќе има и риба и рибни специјалитети, додаде Темов.
Фестивалот на виното ќе се одржи на Кеј Македонија, пред хотел „Палас“. Покровител на овој тридневен фестивал е Општина Охрид, а истиот е организиран од „Крафт Продукција“.
Н.С.Ј.