Дојдени сме денеска пред судот во Скопје, да ја изразиме нашата солидарност со новинарот Зоран Божиновски, кој веќе три години е изложен на судски прогон поради неговата работа како новинар, беше истакнато на денешниот протст на новинарите за ослободување на притворениот Божиновски.

-Ги потсетуваме судиите дека Македонија е втора земја во Европа каде има новинар во затвор. Прво беше осуден Томислав Кежаровски, сега Божиновски, гласно се прашуваме кој ќе биде следниот. Во земја каде новинари се затворат, таму е заробена и слободата на говорот и слободата на медиумите. Таквите судски постапки имаат за цел да ги казнуваат непослушните новинари и да ги дисциплинираат и застрашуваат останатите. – беше истакнато на собирот.

Новинарите рекоа дека не се тука да вршат притисок на судот и да им кажат какви пресуди треба да донесат, туку дека тука се за да го кренат гласот против неправдата. 

-Божиновски уште несуден веќе помина скоро две години во затвор, од кои 18 месеци во екстрадиционен притвор во Србија и уште четири месеци во Македонија. Судиите што одбиваат да изрекуваат притвор за политичари осомничени за рушење на демократскиот поредок на земјата, а лесно притвораат новинари, немаат право да се затскријат зад начелото за независноста на судството. Бараме Божиновски веднаш да се пушти од притвор и да му се овозможи како некои поранешни функционери да се брани од слобода. Ако не постои опасност политичари осомничени за тешки дела да ја напуштат земјата, тогаш уште е помала веројатноста дека новинар ќе ја избегне правдата. – побараа новинарите.

Тие инсистираат случајот на Божиновски да биде предаден на Специјалното јавно обвинителство затоа што нивната надлежност над овој предмет е неспорна. „Секое одбивање на обвинителството да се предаде случајот, ќе значи оневозможување на правдата и зголемувањето на сомнежот во јавноста дека некој сака по секоја цена да осуди новинар со затвор во знак на одмазда заради објавување на злоупотреби на власта.“ – истакнаа новинарите на протстот што денеска се одржа во Скопје.

OhridNews

Комплетирано ад-хок телото за медиуми