Со транспарентни „Кој е следен за ликвидација“ и извици „Слобода за Кежаровски“, денес напладне се собраа новинарите пред судот и побараа новинарот на Нова Македонија, Томислав Кежаровски кој беше уапсен во вторникот да се брани од слобода.

Кежаровски беше уапсен во голема полициска акција поради наводно откривање на идентитет на заштитениот сведок во случајот Ореше.

„Дојдовме тука за да протестираме за да биде ослободен Томислав Кежаровски, кој беше уапсен за да го открие изворот на информациите. Дојдовме за да протестираме за бруталноста и силата која постојано се демонстрира врз припадниците на медиумите. Дојдовме тука да побараме и одговори за прашања кои сé уште не се одговорени, за трагичната смрт на нашиот колега Никола Младенов, за тоа институциите молчат, а за текст напишан пред пет години апсат со специјалци“, изјави Тамара Чаушидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија.

Главниот и одговорен уредник на Нова Македонија, Зоран Димитровски вели дека новинарот Кежаровски не разоткрил никаков идентитет на заштитен сведок, туку разоткрил крупна афера и ја разоткрил целата мафијашка структура на ДБК, МВР

„Судијката, обвинителството, истражната судијка морале да ги имаат во предвид овие факти, дека новинарот не разоткрил никаков заштитен сведок, туку разоткрил една афера којашто е крупна. Мислам дека случајот Ореше е еден од најголемите срамови во македонското судство , треба допрва да се разоткрива. Ако треба за тоа да виси еден новинар, треба да им биде на чест и на обвинителството и на судството. Ние денес бараме новинарот да биде ослободен од притвор. Нема да прејудицираме дека станува збор за кривично дело кое тој навистина го направил или не го направил. Она што го бараме е да биде пуштен да се брани од слобода за да може да ја докаже својата невиност за да може не само со новинарско истражување туку и да ги искористи сите правни можности да докаже дека е невин за сето што се товари“, рече Димитровски.

Според Димитровски, во моментот кога Кежаровски пишувал за наводниот заштитен сведок и кога го открил неговиот идентитет, сведокот не бил формално правно заштитен сведок, туку бил лице коешто издржува затворска казна и кое полицијата го врбувала да стане заштитен сведок со лажно сведочење.

„Обвинителството прво мора да одговори на прашањето дали овој сведок е автентичен и вистинит, па потоа да гони новинари и да определува притвор на новинар кој известувал за целата оваа ујдурма во организација на луѓе од полицијата и некои други структури, но тоа не е направено. Неговата единствена вина е што напишал текст со кој ја разоткрил намерата на полицијата, на луѓе од полицијата кои сакале на овој начин обвинат двајца – еден од своите колеги и неговиот брат за убиството во Ореше“ вели Димитровски.

Истражната судијка, Татјана Михајлова му одредила притвор на Кежаровски, според Димитровски, поради многу смешни факти.

Според неа, како што раскажа Димитровски, новинарот ќе бегал од правдата, бидејќи имал три четири телефони и не можел да се одреди каде се наоѓа во моментот и кому му се јавува, а кому не. Вториот е дека дури и на некои свои пријатели знаел да не им се јавува, тоа значи дека многу тешко се лоцира и тешко може да и биде достапен на правдата.

„Вториот аргумент е влијанието на други лица врз него и влијание врз јавноста. Замислете судот, обвинителството тоа што го предложила истражната судијка го прифатила дека Кежаровски преку своите текстови може да влијае на јавноста за делото за кое обвинението. Тоа е скандал“ додава Димитровски.

Кежаровски пред 15-тина дена бил повикан во обвинителство, каде барале да го открие човекот кој му го дал записникот и му се заканиле дека доколку не го каже „ќе скапе во затвор“.

Кежаровски беше дел од екипата на Нова Македонија којашто откри ливчиња од патарина на местото каде што загина новинарот Никола Младенов, кои наводно биле на Младенов, а беа најдени по увидот на истражните органи.

Димитровски вели дека не сака да верува дека притворот му е одмазда на Кежаровски за пишувањата за овој случај.

На почетокот на оваа година се случи пресврт во судскиот процес Ореше, кога заштитениот сведок под псевдонимот „Бреза”, кој настапи со изјава против обвинетите за платеното убиство во село Ореше, призна дека инспектори од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) го принудиле да прифати улога на заштитен сведок, со цел да даде изјава против обвинетите, браќата Ордан и Љупчо Ѓорѓиевски.

Браќата беа ослободени по третпат од обвинението дека во 2005 година по нарачка на Ѓоре Петровски го убиле 74-годишниот Лазар Милошевски.

OhridNews
Makfaks
foto: РСЕ