Македонија ќе биде меѓу првите држави во кои официјално ќе се имплементира светски познатата сателитска интернет и телекомуникациска технологија „Старлинк“ (Starlink). Оваа стратешка иновација ќе ја донесе унгарската телекомуникациска групација „4iG“, која се подготвува да влезе на македонскиот пазар како трет мобилен оператор, со што се очекува суштинско редефинирање на пазарната конкуренција.

Ова го потврди вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој нагласи дека интеграцијата на сателитската мрежа на Илон Маск ќе му обезбеди на новиот играч врвна конкурентска предност и беспрекорна покриеност низ целата држава.

Новиот мобилен оператор во Македонија ќе ја користи сателитската мрежа ‘Старлинк’ (Starlink) на Илон Маск. Со тоа, третиот мобилен оператор ќе биде многу поконкурентен во однос на услугата и цените, а Македонија ќе биде меѓу првите земји во кои оваа технологија ќе се имплементира, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Според економските и телекомуникациските аналитичари, соработката меѓу „4iG“ и „Спејсекс“ (SpaceX) ќе донесе нов квалитет во македонскиот телекомуникациски сектор. Користењето на сателитската инфраструктура се очекува целосно да ги надмине традиционалните ограничувања на земјената мрежа, овозможувајќи брзи и стабилни услуги дури и во руралните и географски изолирани подрачја.

Очекувањата се дека влезот на третиот оператор со ваква технолошка поддршка директно ќе се одрази врз зголемувањето на конкурентноста, што во крајна линија ќе понуди подобри услови, поголем избор и попристапни цени за граѓаните.

OhridNews