На централната свеченост што по повод Денот на Армијата на Република Македонија се одржа денеска во Охрид,  беше извршено примопредавање на должноста Началник на генералштабот. Горанчо Котески кој со указ на врховниот командант на свеченоста беше унапреден од бригаден генерал во чин генерал – мајор ја презеде должноста од досегашниот началник на ГШ, Мирослав Стојаноски, кој во своето проштално обраќање изрази надеж дека АРМ ќе продолжи по трасираниот пат.

-Она за што можам да кажам дека жалам во мојот мандат е полноправното членство во НАТО, кое остана неостварена желба, неисполнет сон, нешто што сите го заслужуваме и затоа се чувствувам изневерен и предаден. Жалам и за неможноста и неразбирањето на потребата повеќе да се инвестира во АРМ и потребата со која нма овие прекрасни луѓе кои се лојални и посветени ќе им се обезбеди подобар стандард и подобри услови за работа и живот.-истакна генерал потполковник Мирослав Стојаноски.

.
За прв пат на свеченост извршено примопредавање на должноста

Новиот началник на ГШ, изрази благодарност до неговиот претходник за се што сторил за Армијата, најавувајќи ги главните приоритети на кои ќе се фокусира АРМ во наредниот период, а тоа како што рече се членството во НАТО, имплементација на новата структура на силите, подобрување на условите во Армијата и други.

-Свесен сум дека за остварување на вака поставените приоритети покрај останатото потребна е висока обученост, ред и дисциплина, како и финансиски средства. Не се сомневам дека во АРМ има капацитет истото да се реалзира и искрено верувам дека новата генерација која е во редовите на АРМ ќе истрае на реформскиот пат и дека и понатаму со постигнување на високи резултати ќе дава силен импулс кон полноправното членство на Република Македонија во НАТО.-рече генерал – мајор Котески.


Новиот началник на ГШ – генерал мајор Горанчо Котески

На свеченоста со која се одбележа 19-от роденден на Армијата, се обрати и претседателот Ѓорѓе Иванов, кој истакна дека АРМ и натаму ќе остане верен партнер на НАТО во мировните мисии, најавувајќи интензивна соработка со новиот министер за одбрана и началникот на ГШ во остварување на целите на Армијата.

На нас е заеднички да работиме на континуирано усовршување на Армијата на постојана обука на нејзините припадници и во надградување на материјално техничките капацитети и ресурси. Тоа е неопходно за одржување на висок степен на борбена готовност за одбрана на нашата татковина како и обврска кон нашите НАТО сојузници.-посочи Иванов.


Врховниот командант – претседателот Ѓорѓе Иванов

Посветеност кон остварување на главниот приоритет, полноправно членство во НАТО, најави и  новиот министер за одбрана Фатмир Бесими.

-Интеграцијата во НАТО е врвен приоритет, за исполнување на оваа цел ќе продолжиме со неопходните реформи, најави министерот Бесими.


НАТО е врвен приоритет – Фатмир Бесими

На свеченоста  со указ на претседателкот полковникот Методиј Величковски беше унапреден во бригаден генерал. Врховниот командант ги одликуваше со орден за заслуги Вториот механизирано пешадиски батаљон при Првата механизирано пешадиска бригада  и Ренџерскиот батаљон при полкот за специјални задачи, а на досегашниот началник на ГШ му врачи пригоден подарок за придонесот во развојот на АРМ. По повод Денот на армијата, Охрид денеска го надлетуваа борбени хеликоптери од  воздухопловниот винг на АРМ.


Ми24 над Охрид

Денот на армијата кој се совпаѓа со годишнината од формирањето на батаљонот „Мирче Ацев“ во Дебарца,  во организација на Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи во општините  Охрид и  Дебарца, денеска беше одбележан со пригодна свеченост на Славеј Планина.

Г.М.