Со новиот Оперативен план за за услуги на пазарот на  трудот и активните програми и мерки за вработување за 2015 ќе бидат опфатени 16.226 невработени лица од што Владата очекува околу 8.200 директни вработувања. За спроведување на Оперативниот план е предвиден буџет од 660 милиони денари, информира денеска на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Од  очекуваните 8.200 директни вработувања, како што рече Пешевски, 3.200 лица треба да бидат вработени преку активните мерки за вработување, а 5.000  млади  лица до 29 години преку мерката за ослободување на придонеси за 12 месеци  за приватните компании.

Со програмата за самовработување ќе бидат опфатени 960 лица, поддршка на микро и малите претпријатија за создавање нови работни места 200 лица, со програмата за условен паричен надомест за субвенционирани вработувања на лица со социјален ризик е предвиден опфат на 136 лица, а за субвенционирано вработување на невработени и млади до 29 години преку ослободување придонеси опфатот е 5.000 млади. Со мерката обука кај познат работодавач се предвидени 1.000 лица, а со обука на работно место со субвенционирано вработување 476 лица.

Со обуката, пак, за задоволување побарувани занимања на пазарот на трудот опфатот е 220 лица, а со обуката за задоволување на побарувани занимања на пазарот на труд кај приватни спроведувачи на обуки 181 лице, обуки за напредни ИТ вештини 270 лица, практиканство 1.000 лица,  анкета за потреба  од вештините на пазарот на трудот 26 лица, обуките за основни вештини за вработување 2.000 лица, програма за општокорисна работа 300 лица и други пилот програми  140 лица, како и обука за доживотни вештини 140 лица.