Синоќа во големата сала при општина Охрид, сопствениците на охридските пловни објекти имаа можност да продускутираат, да сугерираат и да ги увидат промените кои ќе бидат вметнати во новиот правилник за чамците. Неговото донесување кое е најавено за идниот месец, има за цел да ја зголеми безбедноста на пловидбата во Охридското Езеро, како би се избегнале потенцијални несреќи кои во минатото оставија црна дамка за домашниот туризам.

Раководителот на Капетанијата на пристаништата, Горан Устијаноски, изрази задоволство од позитивната полемика водена со охридските сопственици на пловни објекти, нагласувајќи дека оваа иницијатива претставува исчекор напред кон зголемување на безбедноста и усогласување со европските норми за пловидба.

Овој настан претходи на донесувањето на новиот правилник за чамците, односно за нивната конструкција, начинот и редот на полвење, нивната опрема, како и водењето регистар на кајчината. Целта беше со сопствениците на пловни објекти, во најголем број такси-чамци кои секојдневно се во вода, да видиме што е застапено во правилникот, а нормално единствена наша цел е постигнување на поголема безбедност во пловидбата. Како раководител на Капетанија, јас сум презадоволен, бидејќи оние кои што треба да ги прилагодат своите чамци и опрема според новиот правилник, истиот го одобрија и ја прифатија оваа иницијатива. Не се јави бунт или револт, кој води само до уназадување.“ – истакна Устијаноски.

Според него, сите оние граѓани кои во идниот период ќе сакаат да изградат сопствен чамец, ќе треба во целост да ги задоволат меѓународоните прописи и стандарди за градба на ваков пловен објект, кои се прифатени од буџетот за стандардизација на Република Македонија.

Оние кои досега веќе ги изградиле, преку неколку фази ќе треба да дојдат до поголемо ниво на безбедност, односно да се приближат кон одредбите од овој правилник. Пред се, знаеме дека кајчињата кои се градени низ годините, не одговараат со најсовремените стандарди. Но преку зголемвуање на обемот на опрема, на квалитетот на одредени сегменти и делови, ќе се доведе до поголема безбедност на самото кајче. Тоа не смее никако да изумре како модел, бидејќи претставува визит карта на градот Охрид. Не смееме да го однесеме во топилница, туку треба да го заштитиме и да го направиме побезбедно.“ – додава Устијаноски.

По донесување на овој правилник, до почетокот на туристичката сезона охридските кајчари ќе имаат период за прилагодување кон одредбите пропишани во овој документ.

Од неговот донесување, ќе постои еден период веројатно до следната туристичка сезона, како сите би имале можност да се прилагодат, односно да купат деловите кои недостасуваат и да ги корегираат чамците. После тоа, на сила стапува во потполност новиот правилник и тогаш веќе ќе имаме случаи, за кои што може да се одговара прекршочно.“ – потенцира Устијаноски.

Охридските сопственици на пловни објекти кои со години превезуваат туристи по езерото, ја позравија оваа иницијатива на Капетанијата, истакнувајќи дека безбедноста на гостите во едно туристичко место е во преден план.

Бидејќи сме туристички град во кој доаѓаат гости од целиот свет, односот кон туристите треба да биде сериозен. Ова го сфаќам како добра намера за поквалитетна услуга на такси-превозниците кои пловат по езерските води. Од друга страна, најважна е безбедноста на туристите кои го посетуваат градот. Тоа треба да им биде едно убаво доживување без некои несакани последици што би било анти-реклама за градот. Во неколку наврати имаше случаи, кои останаа црна точка во светот и во жолтиот печат.“ – вели Љупчо Маслов, кој повеќе од 40 години се занимава со езерски туризам.

Тој потенцира дека оваа јавна расправа претставува споделување на искуства, совети и сугестии, кои имаат за цел да направат поквалитетно вршење на дејноста.

Како долгогодишни учесници во оваа активност, ние сме спремни со Капетанијата да поделиме некои совети и сугестии и заеднички да дојдеме до поквалитетно вршење на дејност и се да биде во најдобар ред. Охрид заслужува да биде презентиран како Климентов град кој има свое место во светот. Мора да се оди во чекор со Европа, а оваа подадена рака од Капетанијата мора свесно да се прифати и заеднички да дојдеме до квалитетен резултат што ќе биде на задоволство и на градот и на туристите кои не посетуваат.“ – потенцира Маслов.

Една од позначајните одредби кои се предвидени со новиот правник е задолжително поседување на радио-станици, кои ќе претставуваат врска на екипажот со Капетанијата.

О.Т.