Коалицијата од здруженија за заштита на животни „Заедно за животните, заедно за граѓаните најостро ги осудува труењата на животни кои периодов интензивно се случуваат во земјава, посебно во градовите Велес, Струга, Охрид и пошироко, и бара темелни и сериозни истраги на овие злодела, како би се фатиле и казниле сторителите.

Воедно се обраќаме до институциите  – општинските градоначалници; Министерството за внатрешни работи и локалните полициски станици, како и Агенцијата за храна и ветеринарство – со барање истите јавно и најостро да го осудат убивањето на животни;  злоупотребата на отрови кои се закана за животните, но и граѓаните и природата, и чија злоупотреба е криминален акт и дело казниво и со Кривичниот закон и со Законот за заштита и благосостојба на животните.“ – велат од Коалицијата „Заедно за животните, заедно за граѓаните“.

Од Здруженијата за заштита на животните бараат истрага која би дошла до можни сведоци на делото, анализа на купувачите на високотоксични и разорни супстанци, односно  истрага со која ќе се фатат и казнат насилниците врз животот, природата и животните.

Се дури овие злодела не бидат перцепирани со сериозност и јавна осуда, насилниците ќе бидат охрабрени да продолжат да сејат агонија и смрт по улиците,  да бидат закана за безбедноста на сите и сериозно ќе  ја компромитираат хуманоста во нашата земја, како и компромитираат подготвеноста на институциите да ги спроведуваат правото и законите.“ – потенцираат од коалицијата.

OhridNews