Новогодишна детска песна со наслов „Снегулка“ е најновиот музички подарок од охриѓанецот Александар Петрески во соработка со девојката со англески глас Марија Цветановска.

Кога бев дете, имав преголема желба за снег во зима. Посебно пред Нова Година. Се молев секогаш кога врнеше снегот да се задржи. Во моето рано детство тоа беше почеста појава. Никогаш нема да ги заборавам оние моменти, кога со другарите од училиште си одевме дома низ охридското кале. Посебно мила ми беше рутата низ чаршија навечер! Неколкуте тезги со новогодишни украси, отсликуваа волшебна бајка во невините детски очи. Сеуште во уши ми ѕвонат звуците од честитките… Сето тоа, за кое можам уште многу да зборувам, накратко го опишав во оваа новогодишна детска песна. Испеана е од возрасни вокали, како хибрид, кој би овозможил уживање и на децата и на возрасните. Иако идејата брзо ја реализирав, напорно на останатите финеси работев три месеци и по безброј изведби на кауч е веќе хит во мојот дом – вели Петрески.

Зад музиката, текстот, аранжманот, продукцијата и мастеринг на ова музичко дело стои самиот Александар додека пак зад преубавите пејзажи низ Германија и декоративните кадри Оливер Петкоски. За охридската приказна и видео продукцијата се погрижи Климент Симоноски.

Мојата желба и моето мото се ”making history”. Посакувам што поголемо слушање и ширење позитивна и новогодишна енергија. Ви посакувам среќна Нова Година и весели празници. Слушнете, уживајте, споделете и бесплатно претплатете се на мојот канал, додава Петрески.

OhridNews