НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, по повод 75 години од своето постоење, ја организира јубилејната изложба „Македонски автори од Збирката на современа уметност“.

Преку внимателно одбраните дела, публиката ќе има можност да проследи различни ликовни пристапи, поетики и уметнички изрази, од основоположниците на македонската модерна до авторите што ја развиваат современата ликовна мисла во втората половина на векот. Оваа јубилејна изложба е и потврда за континуитетот со кој НУ Завод и Музеј – Охрид со децении ја чува, проучува и афирмира македонската уметност како значаен дел од културната меморија, посочуваат.
Куратор на изложбата е м-р Сашо Блажески кој ситакнува дека овој каталог претставува внимателно обликуван избор на дела преку кои можат да се проследат неколку суштински и јасно разграничени линии во развојот на македонската уметност во XX век.
Тој не е замислен како исцрпен историски преглед, туку како концентриран пресек на автори и нивни творби, низ кои се огледуваат различни уметнички определби и поетики: доцно-реалистичка и постимпресионистичка чувствителност, модерна фигурација, експресивна деформација, симболичка конструкција, како и фантастичен и асоцијативен сликарски јазик. Во таа смисла, каталогот не ја следи само хронологијата на делата, туку и внатрешната логика на една уметност што постепено го изградува својот сопствен визуелен идентитет, истакнува Блажески.
Историската основа на овој развој, вели, ја сочинуваат авторите што денес се препознаваат како прва генерација македонски ликовни уметници: Димитар Андонов – Папрадишки, Димитар Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Вангел Коџоман, Томо Владимирски, Љубомир Белогаски и Василие Поповиќ-Цицо.
Подготвен по повод 75 години од постоењето на НУ Завод и Музеј – Охрид, овој каталог претставува и достојна потврда на континуитетот со кој институцијата низ децении ја чува, проучува и афирмира македонската уметност како жив дел од културната меморија. Воедно, тој сведочи дека музејската збирка не е само место на чување, туку и простор на траење, толкување и повторно откривање на вредностите што ја градат културната самосвест, додаде Блажески.
Отворањето на изложбата ќе се одржи во петок, на 12 јуни, со почеток во 20:00 часот. Изложбата ќе биде отворена до 8 јули.
OhridNews












