Воспоставување на редовна работата на меѓу-државниот комитет за управување, согласно договорот од 2005 година, формирање на постојан секретаријат составен од релевантните експерти од двете страни, како и посветеност и спремност од двете држави за изработка на заеднички Стратегиски план за рехабилитација кој мора да се поднесе до Центарот за светско наследство најдоцна до 1 февруари 2023 година се очекувањата од денешниот состанок во Поградец.
На состанокот организиран на политичко ниво помеѓу двете држави присуствуваа министерите за туризам и животна средина на Албанија, Мирела Кумбаро Фурџи и министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија, Насер Нуредини, како и градоначалниците на четирите општини: Поградец, Корча, Охрид и Струга и експертите кои директно работат во процесот на заштита на Природното и културното наследство на Охридскиот регион-УНЕСКО Светско Наследство.
Треба да се пристапи кон изработка на заеднички извештаи за напредок на двете држави, како и заедничко политичко/дипломатско делување при организациите на Обединети Нации и Европската Унија. Природата нема граници и од суштинско значење е воспоставување соработка на сите нивоа – централно, локално, експертско за надминување на предизвиците и изнаоѓање решенија за зачувување на статусот на Охридскиот регион како светско културно и природно наследство, истакна министерот Нуредини во обраќањето.
На средбата, велат во соопштението од Министерството за животна средина, бил потврден ставот дека Албанија и Северна Македонија, се целосно свесни за исклучителното наследство што го споделуваат двете држави меѓу себе, но и со светот, и решително се посветени да го направат единственото прекугранично наследство на Западен Балкан модел на добра практика и да покажат со конкретни акции како грижата за заедничкото природно и културно наследство може да придонесе за негување добрососедски односи, разбирање и блиска соработка во градењето на подобар регион, подобар свет за сите.
Работниот состанок беше одржан согласно обврските од последната одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО (Фужу, Кина јули 2021) и договорените чекори и обврски од заедничката Декларација на Националните комисии за УНЕСКО на Северна Македонија и Албанија (јули 2021).
OhridNews













