Клубот за подводни дејности „Охрид“ од Охрид, продолжува со еколошките акции за зачувување на Охридското Езеро, кои се заштитен знак на оваа подводна дружина, која постои веќе 36  години. Денеска нуркачите од овој клуб го чистеа езерското дно во туристичката населба Пештани, пред ресторанот „Кај местоно“, кој ја помогна еко-акцијата.

За неколку часа од Охридското Езеро беа извадени триесеттина вреќи најразличен цврст отпад, од автомобилски гуми до тенџериња и друга покуќнина.

Извадениот отпад од езерото ќе биде подигнат од екипи на ЈП „Охридски Комуналец“, кое исто така редовно ги помага акциите на Клубот за подводни дејности „Охрид“.

Претстојниот викенд нуркачите од Клубот за подводни дејности „Охрид“, ќе учествуваат во еколошка акција за чистење на Дојранското Езеро, а веќе наредниот се враќаат на Охридското, каде етапно ќе спроведат повеќе акции за чистење на езерското дно од Трпејца до Охрид.

Г.М.