Нуркачка екипа составена од македонски и хрватски нуркачи претпладнево нурна во охридското езеро започнувајќи ја операцијата Илинден. Во првата фаза под налог на специјализираната компанија „Дубина“ од Сплит, Хрватска започна инсталирањето на опремата за извлекување на бродот „Илинден“ од водите на Охридското Езеро.


Бугарскиот истражен судија Георги Илиев, вклучен во Комисијата задолжена за утврдување на причините за несреќата, кусо соопшти дека собраните податоци и снимки попладнево ќе бидат разгледувани од страна на Комисијата, по што ќе биде утврден начинот на извлекувањето на „Илинден“. Тој додаде дека самиот процес на извлекувањето на бродот би можел да започне најрано утре во попладневните часови, доколку бидат поволни временските услови. Во меѓувреме се работи и на докомплетирање на специјалната опрема потребна за самиот процес на извлекувањето на потонатиот брод.

Инаку, експертите вклучени во Комисијата, како и истражниот судија што го води истрагата за бродската несреќа Весна Кичеец, бараа активностите околу извлекувањето на бродот да ги спроведува специјализирана фирма, со цел да не дојде до какво било оштетување на бродот што би и наштетило на истрагата.


Бродот Илинден на 5-ти септември потона во близина на кампот Елешец при што животот го загубија петнаесет бугарски туристи.

М.П.