Традиционално на 12 јули и годинава ќе се одржи еден од најавтентичните настани во Охрид последните години, „Ој љубов, љубов“, староградска пловидба со ВИС „Билјана”, во рамки на „Бесконечниот круг на културата“ што го организира Културолошка иницијатива 5 до 12.
Во 17:30 часот збирното место на сите пловни објекти, исклучиво со веслање, е плажата Канео. Се плови до Старото пристаниште – Островче и во 18:30 часот настанот може да се посети и од копно. Дојдете и оваа година, во еден глас да ги испееме сите охридски и македонски песни и да останеме доследни на нашето, од традицијата подарено, велат организаторите.
Воедно, напоменуваат дека забрането е употреба на било какви пиротехнички средства за време на настанот, а сите пловни објекти со мотор треба да се држат подалеку од веслачите и кајчето со ансамблот.
Ве замолуваме за коректно однесување за настанот да помине во најдобар ред како што доликува. За редот и безбедноста ќе се грижат нашите редари, Езерската полиција, Капетанија на пристаништата и Црвен крст Охрид, додаваат.
Инаку, настанот години наназад предизвикува огромен интерес и е вистинско освежување во културната понуда на Охрид.
Н.С.Ј.











