Со раката положена врз 127 години стара Библија што ја држеше неговата сопруга Џил, а пред претседателот на Врховниот суд на САД, новоизбраниот американски претседател Џо Бајден денеска положи заклетва на церемонијата на инаугурација на скалите пред Капитол Хил, во Вашингтон, со што стана 46-от претседател на САД.

Џо Бајден положува заклетва како 46. претседател на САД – Фото: МИА

Во својот прв говор како претседател на САД Џо Бајден на Америјканците и светот им порача дека денеска е ден на Америка, ден на демократијата, ден на историјата и надежта, ден на обновување.

Америка е на висина на предизвикот. Денес го славиме триумфот на демократијата, рече Бајден.

Волјата на народот е исполнета. Научивме дека демократијата е кревка, а денес демократијата преживеа, кажа Бајден на скалите пред Капитолот, непосредно по неговата заклетва како 46. претседател на САД.

Новиот американски претседател Џо Бајден со сопругата – Фото МИА

Не заборави да му се заблагодари на досегашнилт потпретседател Мајк Пенс за поддршката и присуството на денешната инугурација.

Бајден кажа дека американската приказна не зависи само од поединци, туку, како што рече, „од сите нас, луѓето“.Од говорницата тој јасно и силно порача дека сонот за правда за сите веќе нема да се одложува.

Милиони работни места се изгубени, стотици илјади компании се затворени.. Подемот на политичкиот екстремизам и домашниот тероризам е нешто со што треба да се соочиме и мора да го победиме, рече тој.

Она што ни треба е единството – тоа што е најтешко да се постигне во демократијата, додаде тој .

Преку единството можеме да постигнеме големи и важни работи – да создадеме работни места, да ги учиме нашите деца во училиштата, да го победиме вирусот, да постигнеме расна правда и уште еднаш да ја направиме Америка водечка сила на доброто во светот. Знам дека силите што не делат се длабоки и реални, но тие не се нови, Нашата историја е постојана борба помеѓу американскиот идеал – дека сите сме создадени еднакви – и суровата реалност, расизам и екстремизам, рече тој.

Џо Бајден на инаугурацијата пред Капитол хил – Фото: МИА

Насилство нема веќе да се случи овде. Ниту денес, ниту никогаш повеќе, порача гласно Бајден

Во секој од овие моменти, доволно од нас се собраа да одиме напред. Историјата, верата и разумот покажуваат напред. Ние мора да се гледаме себеси не како непријатели, туку како соседи. Ние мора да ги запреме конфликтите и да ја намалиме температурата. Без единство нема мир, има само хаос. Ако се обединиме, ќе успееме, рече тој

Најави дека ќе биде претседател на сите Американци и ќе се бори подеднакво за оние што го поддржале, како и за оние кои не гласаа за него.

На церемонијата, прва заклетва даде новоизбраната потпретседателка Камала Харис, првата обоена и првата жена потпретседател на САД во нејзината историја.

Американската химна ја испеа Лејди Гага, инаку, блиска пријателка на новиот претседател на САД.

На церемонијата на која наместо стотици илјади подржувачи се веат американски знамиња, присуствуваат поранешните претседатели Џорџ Буш помладиот, Бил Клинтон и Барак Обама, со сопругите, досегашниот потпретседател Мајк Пенс, како и други високи претставници на политичкиот, економскиот и јавниот живот на САД.

Претходно денеска, Трамп ја напушти Белата куќа и ѝ се обрати на јавноста од воената база Ендрјус, изјавивајќи дека „ќе се врати во некаква форма на ангажман“. Пред да ја напушти Белата куќа, според традицијата, му остави писмо со порака на Бајден, но содржината не е објавена.

OhridNews
Фото МИА