Комисијата за следење евентуални противправности сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот при Јавното обвинителство, информира дека континуирано ги следи сите случувања поврзани со гласањето и предупредува дека објавување на фотографии на гласачи е противправно дејствие кое го нарушува процесот на гласање и претставува попречување на правото на гласање.

„Оттука, ја известуваме јавноста дека секое сликање, снимање на гласачи при остварување на нивното право, како и било какво попречување на гласањето и процесот на спроведување на референдумот не се дозволиви согласно на закон. Вакви дејствија преземени во текот на процесот на гласање, ќе бидат предмет на приоритетно постапување на јавното обвинителство.“ – се вели во соопштението на Јавното обвинителство.

Од ЈО додаваат дека Комисијата продолжува перманентно да го следи процесот на гласање, за што се воспоставени и дополнителни дежурства во јавните обвинителства. За евентуално извршени кривични дела и поведени постапки против сторителите јавноста ќе биде информирана, се вели во соопштението.

OhridNews