Во име на владата и во својство на Агенција за имплементација, АД МЕПСО објави Покана за пројавување на интерес,  со која се бара реномирана компанија која ќе инвестира во развојот и изградбата и ќе стопанисува со најавениот ски центар и одмаралиште на  „Галичица“. За таа цел од страна на Агенцијата за имплементација (АД МЕПСО) е изработена  Физибилити студија и Мастер план. Се покануваат сите заинтересирани страни да поднесат писмо за пројавување на интерес.

Во поканата се наведува дека Охриското Езеро кое е во близина на проектот, е најголемата туристичка атракција во Македонија, прогласено за светско наследство на UNESCO и изобилува со многу природни, историски и културни локалитети.

Сместен на брегот на Охридското Езеро, градот Охрид е една од најстарите населби во Европа. Со многубројните праисториски локалитети и остатоци на материјалната култура од пред повеќе од  5.000 години, Охрид е вистинска археолошка ризница (www.ohrid.com.mk ).  Денес, Охрид е најпознат туристички бренд во Македонија кој не само што ги привлекува регионалните пазари, туку станува значаен чинител и на глобалниот туристички пазар. Во близината на Охридското Езеро, сместено на тромеѓето меѓу Македонија, Грција и Албанија, се наоѓа едно од најстарите езера во Европа и едно од најчистите езера во светот – Преспанското Езеро. Помеѓу Охридското Езеро и Преспанското Езеро се наоѓа планината Галичица. Масивот има развиен релјеф со големи и длабоки долови и високи планински врвови кои во јужниот дел на Галичица достигнуваат висина повеќе од 2000 метри. Таквите карактеристики на теренот, како и близината на двете езера овозможува убава и живописна глетка за посетителите. Покрај исклучителната природна убавина и естетските вредности, Галичица е уникатна средина со добро сочувана флора, се наведува во поканата до потенцијалните инвеститори.
  
Од АД МЕПСО додаваат дека изобилството со природни и културни вредности, како и поставеноста на планината Галичица меѓу Охридското Езеро и Преспанското Езеро, придонесуваат  националниот парк да биде атрактивен за посетителите и дека националниот парк „Галичица“ е една од најзначајните туристички дестинации во Република Македонија.  

Сместени во природниот амбиент на исклучителната убавина на националниот парк се идните ски центар и одмаралиште „Галичица“. Ски центарот „Галичица“ е планинско-езерско одмаралиште за четири сезони, кој овозможува алпско скијање и летни рекреативни активности, разновидна и иновативна туристичка понуда. Не само дека станува збор за ретка комбинација на езеро со планина што заедно прават синџир на исклучителна туристичка вредност, но во овој случај, постои медитеранска езерска дестинација во комбинација со модерно планинско одморалиште сместено во национален парк, што е ретка појава, нагласуваат од АД МЕПСО.

OhridNews