Денеска се навршуваат 19 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој се стави крај на конфликтот во 2001 година и се постави рамка за меѓуетнички соживот и евроатлантска перспектива на државата.

Договорот кој беше потпишан на 13 август 2001 година, деветнесет години потоа ја има поддршката од меѓународната заедница и од поголем дел од партиите од македонскиот и албанскиот политички блок, но е предмет и на критики и оспорувања, особено во делот на рамковните вработувања и позитивната дискриминација.

Преговорите почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, каде завршија со парафирање на документот на 10 август. Три деца подоцна во претседателката резиденција на Водно документот го потпишаа тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски и лидерите на СДСМ Бранко Црвенковски, на ДПА Арбен Џафери и на ПДП Имер Имери. Во својство на гаранти, документот кој е познат и како Охридски договор, го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

По скоро две децении, со неговото спроведување, нашата земја ги зачува мирот и стабилноста, и постави највисоки стандарди за правата на заедниците, истакна по повод 19-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор претседателот Стево Пендаровски.

Денес, не постои причина да се сомневаме во иднината на мултиетничка и мултикултурна Република Северна Македонија која како член на НАТО, и се надевам во скоро време како членка на Европската Унија, нуди перспектива и благодат на сите свои граѓани. Да не дозволиме ништо да ги наруши единството, соживотот и меѓусебната почит. Мораме да ги оставиме конечно во историјата сите конфликти и недоразбирања. Да продолжиме да ја следиме визијата за иднината и да работиме за просперитетот и за доброто на сите наши граѓани. – вели Пендаровски.

Охридскиот договор не беше лесно да се постигне, додава Претседателот. Тој им оддаде признание на лидерството на претседателот Борис Трајковски и на претставниците на политичките партии како потписници на Договорот.

Заедно со поддршката на меѓународната заедница која е перманентна сиве овие 19 години и која никогаш не престанала да ја поддржува нашата земја, во 2001-та година нашето политичко лидерство спречи ескалација на конфликт кој ќе донесеше огромни човечки загуби и разорувања и во кој никој не победува. – рече Пендаровски.

Според него Охридскиот договор немал за цел да инаугурира победници и да прогласи поразени. Тој е основата за градење соживот за сите граѓани на Република Северна Македонија.

По две децении не смееме да имаме делби и скепса. Да останеме посветени на економскиот напредок и на благосостојбата на сите наши граѓани и сложно да се соочиме со сите предизвици. Токму пандемијата со КОВИД-19 е сериозен тест за нашата функционалност, организираност, но и солидарност и заедништво. Премногу жртви дадовме, предолг пат изминавме, премногу време изгубивме, враќање назад нема, одиме напред сплотени и обединети. – порача Пендаровски.

 

OhridNews