Нашата армија многу директно ќе се вклучи во борбата со коронавирусот и ќе биде во првите редови како поддршка секаде каде што треба, изјави претпладнево на пресконференција министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. Таа посочи дека тоа е овозможено со уредбата што ја донесе владата, со која се овозможува армијата да биде поддршка на државните органи, посебно на полицијата.
Формиран е посебен оперативен штаб на полицијата и армијата, кој ги дефинира попрецизно начините на кој армијата ќе и асистира на полицијата. Армијата целосно ќе ја преземе контролата на границите, на таканаречената зелена линија, со цел да се спречат илегални преминувања, додека граничните премини и натаму ќе ги контролира полицијата. Втора задача на армијата ќе биде учество во заеднички патроли со полицијата кои ќе вршат контрола на почитувањето на полицискиот час и самоизолацијата. Трета задача ќе биде обезбедување на витални објекти од државно значење, како Собранието, Владата и важни локации како што се затворите. – појасни Шеќеринска.

Битката која ја имаме нема да биде лесна. Одлуките да ангажираме армија не беа лесни, но беа оправдани, затоа што целиот свет се соочува со епидемија и опасност која неможеше да се замисли. – додаде Шеќеринска.
Одговарајќи на новинарско прашање дали има хотелски и други сместувачки капацитети кои се ставаат на располагање за прием на лицата кои треба да одат во самоизолација, рече дека има интерес, како и дека е упатен јавен повик до сите нив и очекува тие позитивно да одговорат.
За жал бројката на тие кои се враќаат во земјата не е мала, но за жал бројот на тие кои не ги почитуваат мерките на самоизолација, исто така, е голем. – додаде Шеќеринска.
Министерката за одбрана појасни дека Главниот штаб работи на потврдување на категориите за кои ќе важат исклучоци за време на полицискиот час, меѓу кои ќе бидат и медиумите. Таа ги коментараше и ингеренциите кои во ситуација на вонредна состојба на владата и овозможуваат да донесува уредби во ранг на закон, истакнувајќи дека тоа не значи дека нема да се врши контрола врз владата и дека тоа и натаму ќе го прават институциите задолжени за тоа како што е антикорупциската комисија и секако медиумите. Таа потврди дека се укинати дел од одредбите кои важат во предизборен период, со кои се забранува вршење јавни набавки и вработувања, за како што рече, да им зе овозможи на соодветните институции непречено да функционираат во услови на криза.
Не очекуваат тешки денови и неопходно беше се што е поврзано со избори да го оставиме ад-акта и се надевам дека се што е политика ќе тргнеме на страна. Во овие моменти не само што не ни требаат ограничувања на државните институциите, треба да бидат посилни. Од нас се очекува да функционира се подобро, а да важат изборните правила. Јас се сеќавам дека многу луѓе ги критикуваа тие правила дека ја парализираат државата и негативно влијаат на економијата во државата, ама 20 или 40 дена секој може да издржи. Влегуваме во криза која што никој не може да предвиди колку ќе трае и неодговорно би било институциите да мислат дека со овој светски предизвик и светска криза ќе може да се справат со врзани нозе. За злоупотреби нема оправдување, меѓутоа секој од нас е одговорен човек и сфаќа дека навистина ѓаволот ја однел шегата меѓутоа ова не се моменти кога треба да зборуваме и трошиме енергија за политика, ова се моменти кога треба да зборуваме за проблемот и да го решаваме проблемот. – рече Шеќеринска.
Г.М.











