„Премиере одржи си го зборот“, „На лагата и се кратки нозете од нас баравте глас, а ни испорачувате гнас“, „Во Дебрца не постојат повеќе партии, постојат обединети Дебрчани“, порачаа жителите на Дебрца на протестот против изградба на регионална депонија, кој започна половина час пред пладне во атарот на селото Ботун. Истовремено почетокот на протестот го најавија и камбаните на црквите со што симболично на Денот на планетата Земја – 22 Април, започна Еколошкото востание во Дебрца.

Наоружани со транспаренти и знамиња, жителите на Дебрца побараа владата да се откаже од идејата да гради регионална депонија во оваа општина каде 33 села со векови живеат во склад со природата. Доколку тоа не се случи најавија дека ќе започнат и правна битка. 

– Владата и институциите се наши и треба да работат според нашите потреби и желби. Ги кажуваме тука јавно уште еднаш аргументите зошто овде не може да се гради депонија. Бараме да се отвори јавна дебата, а владата да ги преиспита своите одлуки, а доколку продолжи со идејата за изградба на регионлна депонија во Дебрца, ние ќе продолжиме со протести и други акции, ќе го интернационализираме проблемот, а ќе преземеме и правни мерки. – рече д-р Јадранка Бибан од Организациониот одбор на протестот.

Во знак на предупредување жителите на Дебрца денеска околу два часа го блокираа магистралниот пат Охрид – Кичево, најавувајќи уште порадикални форми на протест доколку државата не се откаже од изградбата на регионална депонија во Годивје.

-Дебрчани ќе преземат радикални мерки. Прво ќе прогласат непослушност, а потоа да не речам и некоја независност и 24 часа ќе ги блокираат патиштата во овој регион. Нема да дозволат дебрчани тука да се таложи отпад од повеќе градови. – рече Павел Попоски.

На протестот се обратија интелектуалци, екологисти и експерти од областа на животната средина кои укажаа на опасноста од изградба на депонија во овој крај кој е богат со вода.

– Дебрца е изворот на најчистата регистрирана питка вода во Европа, со официјално најголемиот извор на вода за пиење „Сини вирови“, со издашност од 600 литри вода во секунда. – посочи Бошко Ставрески.

На изградба на регионална депонија во Дебрца се противи и научната установа Хидробиолошки завод од Охрид. Ставот на науката пред присутните на протестот го пренесе д-р Гоце Костоски.

– Јавната научна установа Хидробиолошки завод од Охрид е со јасен став дека во сливното подрачје на река Сатеска не смее да се гради регионлна депнија. Таа е најголемата притока на Охридското Езеро и на некој начин е дел од Охридското Езеро. – појасни Костоски.

Локалната самоуправа, која исто така е против изградба на регионална депонија, бара да се почитува волјата на граѓаните искажана на референдумот што се одржа минатиот октомври. 

-Никој нема право, ниту јас како градоначалник, ниту советот на општината, да дерогира една таква одлука која е донесена на најдемократски начин, а тоа е референдумот. – исктана Зоран Ногачески, градоначалник на општина Дебрца.

На протестот беше прочитано и послание од Трајан Петровски, писател, дипломат и општественик, а свое обраќање имаше и Добре Вељаноски, по потекло од Годивје, инаку претседател на Ветераните од Охрид и Дебрца.

-Дигнете се еколози, љубители на недопрената природа! Во Дебрца не смее да се гради никаков објект од типот на депонија, заради заштитата на Охридското Езеро и забраните од УНЕСКО. Реката Сатеска со сите околни притоки е поврзана со водите на Охридското Езеро. Локацијата за депонија во Годивје е покрај Автопатот за Охрид, на растојание од триста метри. Дегутантни се приказните за споредба со наводна современа технологија, по примерот на Швајцарија И другите европски цивилизирани држави. Целата наша државичка е депонија. Ние не сме кадри да менаџираме такви објекти, какво и да биде совршенството. Ние сме далеку од нормалноста, а не пак од совршенството. – им порача Петровски на дебрчани.

– Го повикувам надлежното министерство да отвори нова дебата и расправа по ова прашање, која ќе биде транспарентна, со вклученост на сите засегнати страни, како и стручната јавност, екологистите, еколошките здруженија и граѓаните да го изнесат својот став. Ги повикувам советниците на општина Охрид, заедно со градоначалникот Јован Стојаноски, јавно да го кренат својот глас: Ова прашање, колку што е прашање на Дебрца, исто толку е и прашање на Охрид, ако не и повеќе. – рече полковник Добре Вељаноски.

Протестот на кој присуствуваа голем број жители на Дебрца, но и од Охрид и други населени места, имаше силен емотивен набој и остри пораки, а сообраќајот на магистралниот пат Охрид – Кичево, кој извесен период беше во прекин, попладнево е нормализиран. 

Како што е познато, според изготвената физибилити студија, атарот на с. Годивје во општина Дебрца, беше прогласена за најповолна локација за изградба на регионална депонија, односно на фабрика за преработка на отпад, со која треба да се реши проблемот со стотината диви депонии во Југозападниот плански регион. Иако според одредени проекции се планира оваа депонија да биде изградена до 2025 година за што се потребни околу 50 милиони евра, државата се уште нема обезбедено средства за истата, а очигледен проблем е и јасното противење на жителите на Дебрца, но и на еколошки и други организации и на научната јавност.

Г.М.