Околу 80 нуркачи од нашата држава, Србија и Хрватска започнаа акција за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад. Се чисти на три локации во авто камп Градиште, Музеј на вода и градското пристаниште.
Јован Секулоски од нуркачкиот клуб „Амфора“ вели дека оваа акција е единствена и уникатна по тоа што се вклучени голем број нуркачи од нашата држава, но и од странство, голем број локални еколошки организации и друштва, кои придонесуваат за реализирање на акцијата.
Најмногу отпад има таму каде што гравитираат најголем број туристи. Најмногу загадено е градското пристаниште, но и на сите места каде што се рекреираат туристите. Има различни видови на цврст отпад, сите видови градежен шут, лименки, метални предмети, пластика … Имаме некои груби информации според кои од една акција се вади во принцип по околу 100-150 кг. отпад. Колку што е поголема акција толку повеќе отпад се вади од Охридското Езеро. Но, со текот на годините гледаме дека се подобрува состојбата, влијанието на пошироката јавност има ефект, вели Секулоски.

Имаме привилегија да поседуваме една ваква уникатна убавина, која е препознаена и запишана како светско природно наследство и затоа треба да вложиме максимални напори за да ја сочуваме за идните генерации. Недозволиво е во овој прекрасен езерски басен за кој научниците тврдат дека е стар околу три милиони години и во кој живеат ендемични видови на растителен и животински свет да се исфрла најразличен отпад. Затоа е потребно да се организираат многу повеќе вакви акции кои може да придонесат за подигање на еколошката свест кај населението за поголема грижа за Охридското Езеро и околината која го опкрижува, истакна Пецаков.

Нуркачите од соседните држави кои се дел од нуркачката акција со став дека свеста мора да се подигне на повисоко ниво и да се внимава да не се загадува животната средина.
- Голема е штетата што се случуваат вакви работи, треба да се покрене свеста кај луѓето да ја чуваат природата и она што имаат, а ние ќе помогнеме да го извадиме она што несовесните луѓе го оставиле.
- Не сум изненаден од она што го вадиме од езерото. Кај нас во Јадранско море поголем дел од жителите фрлаат голем отпад. Ништо не не изненадува што и овде во езерото се фрла отпад, што секако не е во ред.
- Се надеваме дека нема многу отпад. Секој треба да тргне од својот дом и да чисти зад себе отпадот, незнам кај нас малку свест проработете околу тоа се надевам дека и тука ќе биде така. Најголем проблем е пластиката. Секаде е така.
Акцијата ја организира нуркачкиот центар „Амфора“ како дел од финалните активности на проектот „Охрид ЕКО 2022“. Проектот е финансиран од Општина Охрид со поддршка на јавните претпријатија, како и локални спонзори.
Фото галерија:
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска




































