Со акција во која беа вклучени припадници на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид, Доброволното противпожарно друштво „Ентузијаст“, Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид и членови на семејсгтвото, синоќа успешно беше пронајдено иевакуирано исчезнато повозрасно лице.

Во Оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид бил пријавен во 21:40 часот бил примен повик за потрага по повозрасен граѓанин кој, од засега непознати причини, се упатил кон Студенчишкото Блато. Поради исклучително тешките услови на теренот – густа вегетација, кал и ноќни услови, во акцијата за првпат беше употребено специјализираното беспилотно летало DJI Mavic 3T, опремено со термална камера.

Оваа современа опрема, која неодамна ја набави Црвен крст Охрид, е наменета за операции за пребарување и спасување на изгубени и исчезнати лица на тешко пристапни терени, како и за откривање активни жаришта при шумски пожари на непристапни планински подрачја, кои тешко можат да се забележат со голо око, информира Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

 

Како што информира ТППЕ Охрид, по повеќечасовна потрага лицето било пронајдено на тешко пристапен терен.

Благодарение на упорноста и координираната работа на спасувачките екипи, повозрасното лице е пронајдено во добра здравствена состојба и успешно евакуирано од локацијата.

OhridNews
Фото: ТППЕ Охрид I Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид