Група средношколци и денес излегоа да протестираат за, како што рекоа, зачувување на унитарноста на државата и јазикот и заштита на националните интереси.
Средношколците најпрвин се упатија кон дворот на охридската гимназија каде очекуваа поддршка од учениците од оваа образовна институција. Со скандирање, истата група, потоа се упати кон средното економско училиште „Св.Кирил и Методиј“. Таму се задржаа околу половина час довикувајќи кон врсниците да ја напуштат наставата и да им се придружат, што не се случи.
Во изјава за медиумите учесниците на протестот истакнаа дека без оглед на бројноста ќе продолжат да излегуваат на улица и дека не стравуваат дали ќе им биде оправдано отсуството од настава.
-Оправданието ни е Македонија и воопшто не е важно дали ќе добиеме неоправдани изостаноци. Некои од наставниците не поддржуваат некои не, ни велат ќе не запишувале и дека право на протест имаат само полнолоетните ученици од 4 та година, но во оваа земја нема да продолжат да живеат само тие туку и другите ученици од пониските класови и затоа сите протестираме. – изјави учесник на протестот.
Со полициска придружба средношколците продефилираа низ улиците во центарот на градот и чаршијата, од каде се упатија кон плоштадот Св. Климент Охридски, каде по пристигнувањето групата веднаш се разотиде.
Вчера Министерството за образование и наука реагираше за излегувањето на учениците на протести против платформата на албанските политички партии за време на наставниот процес. При тоа, МОН ги обвини директорите на училиштата кои дозволуваат учениците да излегуваат на улични протести и информираа дека му било наложено на Инспекторатот да ги провери училиштата и да ги преземе потребните мерки.
Од страна на Државниот просветен инспекторат во Охрид беше кажано дека до нив не е испратено барање за инспекциски надзор во училиштата чии ученици протестираат за време на настава.
OhridNews
Чингоски: Средношколските протести во Охрид се политички органзирани, учениците мора да се заштитат


















