Пожарот кој утрово изби во помошните простоории на Студентскиот дом „Никола Карев“ во кои се сместени повеќе технички служби, по брзата интервенција на екипите на охридската Противпожарната единица за 20 минути е локализиран.

Во гаснењето учествуваа 4 противпожарни возила со десет пожарникари.

– Паралелно со гаснењето на пожарот се вршеше и евакуација на луѓето сместени во студентскиот дом. За среќа, освен неколку случаи на труење со чад, нема посериозни последици, информираат од Противпожарната единица.


Во моментот на избивањето на пожарот во објектот биле сместени шеесеттина луѓе, меѓу кои и  туристи и странски студенти.

– Ме разбуди силен мирис на чад, веднаш сфатив дека се работи за пожар и заедно со моите колеги излеговме надвор и им се придруживме на противпожарните екипи во спасувањето на лицата сместени во домот. Ходниците беа исполнети со чад, владееше паника и вознемиреност, но за среќа сите луѓе кои беа во објектоот навреме беа евакуирани и спасени, вели Зоранчо Тасев, полицаец од Кочани кој е на привремена служба во Охрид.


 

На местото на настанот увид вршат екипи на СВР- Охрид и истражен судија, а истрагата треба да ги утврди причините за пожарот и висината на настанатата материјална штета.

  OhridNews

фото:ЕМИЛИО