До локалната самоуправа, односно до комисијата за разгледување на пријавите за „Свети Климентовата награда“ пристигнале десет апликации.

Меѓу пријавените се: Димче Јанко –копаничар, Димитар Масевски –композитор, ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ Охрид, Спец. д-р. Никола Михајло Филев  – вработен во детското одделение при ЈЗУ Општа болница Охрид, Петар Голабоски од Здруженето на граѓани „Аикидо Клуб Буџин“ Охрид, Проф. Александар Радиќ – Леко, Проф. д-р. Павле Митревски – творец од областа на науката,културата и образованието,  Тоде Илиевски – филолог за животно дело во областа на книжевноста, енигматика и проблемски шах, Јордан Манасијески – сликар и Милан С. Белески – самостоен занаетчија.

Како што потенцира градоначалникот Никола Бакрачески , кој го доделува ова највисоко општинско признание , комисијата која годинава се формира по негова иницијатива , особено сериозно пристапила кон разгледувањето на апликациите со цел наградата да оди во вистинските раце.

Претседател на комисијата за доделување на наградата „Св. Климент Охридски“ е актуелниот претседател на општинскиот совет, Гордана Коњановска, а во комисијата членуваат и секретарот на општината, Димитар Спасески, академик Глигор Каневче, актерот Горан Стојаноски, Данчо Целески, и деканот на Факултетот за туризам и угостителство, Сашо Коруновски.

До комисијата за доделување на повелбите во чест на патронот на градот пристигнати се осум пријави.

Со општинска награда – Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ се оддава највисоко признание за животно дело, односно долгогодишни остварувања и врвни достигнувања во сите области од општествениот живот од особено значење за општината, што претставуваат посебен придонес за развој на општината и за нејзиниот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и светот.

Повелбите се доделуваат за остварувања и достигнувања во сите области од општествениот живот од особено значење за општината.

Т.К.