Мостот на желбите нема да се урива до завршувањето на главната туристичка сезона. Ова решение било донесено на состанокот  помеѓу претставници на локалната самоуправа и концесионерите на плажите во Канео, што заврши пред малку.

На состанокот со градоначалникот и техничките служби при локалната самоуправа мислам дека најдовме заедничко решение кое ќе ги задоволи сите во овој момент. Уривањето на мостот се одложува се до оној момент додека не се пристапи кон реализација на проектот што го има изготвено локалната самоуправа за изградба на пешачка патека на крајбрежјето.Во интерес на туристичката сезона и во интерес на жителите од овој дел од градот дојдовме до заедничко решение да се одложи уривањето со тоа што техничките служби на општината уште веднаш ќе излезат на терен да ја констатираат состојбата со цел да се отстранат сите неправилности и во најкратко време да се санираат за да нема несакани последици, изјави Димитри Пендовски концесионер на плажата Потпеш.

Состанокот меѓу концесионерите и претставниците од локалната самоуправа следуваше откако утрово инспекциски и други надлежни служби започнаа активности по Решението за уривање на Мостот на желбите кој ја спојува населбата Канео со центарот на градот. Во решението се наведува дека таканаречениот Мост на желбите е дивоградба и истиот треба да се отстрани.

На лице место покрај инспекциските служби, пристигнаа и концесионерите на плажите во населбата Канео, како и жители од Стар град и новинарски екипи. Конкретни активности за уривање на мостот не беа преземени.

Како и останатите денови така и денес голем број туристи уште рано утрово преку мостот се упатуваа кон плажите во Канео.

OhridNews