Пред новото спомен обележје, покрај пешачката патека кај каналот Студенчишта, што го открија амбасадорот на Република Бугарија Ангел Ангелов. и заменик градоначалникот на Охрид Ристе Николески, денеска, беше одбележана 11-годишнината од потонувањето на бродот „Илинден“.

На секој 5 септември се собираме да оддадеме почит на 15-те бугарски граѓани кои пред 11 години загинаа на Охридското Езеро. На десетгодишнината од несреќата пред мене беше моделот на овој споменик. Денеска тој е реалност. Од една страна тој е уметничко дело достојно за уважување, а од друга тој е симболот што ќе може да го види секој бугарски граѓанин што ќе дојде во Охрид, на ова прекрасно место и да си спомнат на таа несреќа, дел од нашата заедничка историја, рече амбасадорот на Република Бугарија Ангел Ангелов.
Заменик-градоначалникот на Охрид Ристе Николески во оваа прилика истакна дека срцата на охриѓани се исполнети со тага, а мнислите се со најблиските на жртвите во несреќата.
Тој ден и датумот 5 септември засекогаш ќе остане врежан во колективната меморија на Охрид и како поука дека треба постојано да се надградуваме за да не се случуваат такви немили настани. Сите години правиме се за да ја подигнеме безбедноста во водите на Охридското Езеро и тоа ќе продолжиме да го правиме и понатака. Денеска сме тука за да им оддадеме почит на загинатите пред новиот паметник. Овој чин е само показател на зацврстување на веќе добрите пријателски односи меѓу Македонија и Бугарија, рече Николески.
Цвеќе пред споменикот поставија бројни делегации од Бугарија и од Охрид, на Амбасадата на Република Бугарија, на Генералниот конзулат и Државниот културен институт на Бугарија, делегација на Армијата на Република Бугарија, претставници на бугарските општини од каде потекнуваа загинатите, делегација на Општина Охрид, на Капетанијата на пристаништа во Охрид, Здружението на граѓани „5 септември“ од Охрид, Ротари клубот Охрид на чија иницијатива беше поставено првото спомен обележје за жртвите од несреќата, бројни граѓани.
Новиот споменик за жртвите од бродската несреќа е реализиран како иницијатива и соработка со повеќе институции од двете држави. Споменикот е наречен „Солзата на Роза“ дело на архитектот Никола Сметеноски и ја претставува симбиозата и силната врска помеѓу физичкото и духовното минато, иднината, тагата и радоста, стариот и новиот живот. Има изглед на капка која се дели на два дела, од кои едната оди надолу и симболизира солза, а другата оди нагоре и е нов почеток на испарување на водата. Страничните изгледи ја претставуваат бесконечноста. Во капка се испреплетени и 15 рози кои ги симболизираат 15-те бугарски државјани.

Најголемата бродска несреќа на Охридското Езеро се случи на 5 септември 2009 година околу 10:30 часот. Во неа животот го загубија 15 туристи од Република Бугарија. Бродот „Илинден“ кој превезуваше 57 патници од Охрид до Свети Наум поради механички дефект потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај „Елешец“.
Г.М.















