Охриѓани живеат под постојан стрес од 18-ти јуни, кога започна да се тресе тлото под Охрид. Дел од граѓаните ноќите ги минуваат на отворено, или на некое друго, за  нив побезбедно место.

-Јас сум постара личност, но ова не било. Трае предолго и премногу е тоа, ни создава преголем стрес и мора човек да се тргне на страна малку во вакви ситуации . -ни изјави охриѓанката Ристана Петкоска која веќе неколку дена престојува со своите две внуки во воениот камп „Васко Карангелески“ во Св. Наум , кој ги отвори вратите за охриѓани. „Навистина ова е хуман потег на кој сме благодарни. Пред се се чувствуваме безбедно тука, а и децата мирно спијат.“ – додава Петкоска.

Ристана и нејзините внуци не се единствените кои немирното охридско тло го заменија со мирен одмор во воениот камп во Св. Наум, каде времено престојуваат повеќе семејства од Охрид. 

–Има нашинци од Америка и Австралија кои имаат станови во Охрид, но дојдоа тука. И тие се загрижени за тоа што се случува во Охрид. – рече Ристана.

До сега Охрид го потресоа повеќе од 1200 земјотреси. Најсилниот се случи на 3 јули со магнитуда од 5 степени по Рихтер. Иако земјотрес не може да се предвиди, сеизмолозите сметаат дека не треба да се очекува посилен потрес и дека тлото под Охрид полека ќе се смирува. 

Г.М.