Сообраќајот на патиштата во Македонија се одвива по влажни коловози, а на повисоките места во западниот дел на наместа со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на ЈП Македонија Пат. Врнежи од слаб снег се бележат на Попова Шапка, Маврово и Деве Баир. Во останатите делови од државата врнежите се од дожд.

Намалена видливост поради магла има на патниот правец Тетово – Попова Шапка со видливост од 50 до 60 метри.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде е можна почеста појава на одрони.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.

Од 15 Ноември започа законската обврска за поседување на зимската опрема во возилата. Оваа обврска трае до 15 Март следната година. Според новиот закон за безбедност во сообраќајот на патиштата, зимската опрема е задолжителна „во сообраќај на пат“, што подразбира и во населени места.

OhridNews