Утрово во Охрид почувствувани беа два посилни потреси. Првиот во 8.32 часот бил со јачина од 2.6 степени според Европската макросеизмичка скала. Епицентарот бил на 7 километри североисточно од Охрид, односно на 4 киломери југоисточно од селото Косел.
Во 11.12 часот почувствуван е силен земјотрес со магнитуда од 4 степени според Европската макросеизмичка скала. Според корегираните информации епицентарот на овој земјотрес бил исто така во охридското подрачје на 7 километри североисточно од Охрид, односно на 1 километар источно од селото Косел на длабочина од еден километар.
Новите потреси внесоа дополнителен немир кај населението кое 19 ден живее во страв по ројот од над 1200 земјотреси кои се регистрирани во охридското епицентрално подрачје.
Сеизмолозите смируваат дека е нормално по земјотрес со интензитет од 5 степени каков што се случи во Охрид да има потреси со јачина помеѓу 3 и 4 степени. Тие не очекуваат да се случи посилен земјотрес и апелираат до населението да не веруваат на лажните информации за разорни потреси кои внесуваат дополнителна вознемиреност.
-Било каква вест дека во одредено време ќе се случи е лажна бидејќи тоа не може да се предвиди и никој сериозен научник, а би рекол и сериозен човек би можел такво нешто да каже. – изјави професорот и директор на ИЗИС, Михаил Гаревски.
Во Скопје вчера се одржа координација помеѓу ЦУК и ИЗИС од која беше упатен апел до граѓаните на Охрид да останат присебни и да преземат мерки за самозаштита.
OhridNews


.jpg)









