По долго боледување, на 76-годишна возраст, почина познатиот македонски актер Салаетин Билал, доаен на НУ Турски театар.

Билал од 1964 година работел во Турската драма при Театарот на народностите, сегашниот НУ Турски театар Скопје, каде со голема посветеност одиграл голем број улоги сè до пензионирањето во 2007 година, иако и потоа бил ангажиран во проектите во продукција на Турскиот театар.

Салаетин Билал во текот на својата кариера ги добил следниве награди: наградата на списанието „Екран“ за најдобар актер во 1976 − за ликот на Ахмет Нурудин во „Дервишот и смртта“; „13 Ноември“ за Хаџи Трајко во „Коштана“ (1977); „11 Октомври“ за А. Б. во „Дамокловиот меч“ (1983); две награди „Војдан Чернодрински“ за Ахмед Нурудин (1976) и за Аздах во „Кавкаски круг со креда“ (1990); награда за епизода „Димче Трајковски“ за улогата на Нуман во претставата „Стари фотографии“ (Прилеп, 1993), како и награда за животно дело (2014).

Салаетин Билал глуми во последниот филм на охриѓанецот Илија Пиперкоски Дедо и Внук. Тоа е последниот негов филм кој оваа година ќе има премиера.

OhridNews