Полицијата трага по убиецот на 67-годишната Спаса Бојоска од Охрид која во текот на вчерашниот ден била брутално нападната од непознато лице во својот дом во станбена зграда на ул. „Галичица“. Жената која примала пензија од странство живеела сама, откако нејзиниот сопруг со кој подолго време живееле во Германија починал неодамна. Напаѓачот најверојатно сакал да ја ограби на што укажуваат деталите од истрагата според која станот на жртвата бил целосно пребаран. Се претпоставува дека убиството се случило среде бел ден, а било откриено дури откако роднините се загрижиле зошто нивната блиска не одговарала на телефонските повици.
-Во нејзиниот дом влегол засега непознат сторител, којшто веднаш ја нападнал физички со остро орудие и и нанел повеќе убоди на главата, вратот и телото. Нејзиното тело било пронајдено во 19.25 часот од роднини. – изјави Стефан Димовски – портпарол СВР Охрид.
На местото на злосторството биле пронајдени повеќе докази, но полицијата засега нема осомничен. По наредба на јавен обвинител врз телото на жртвата ќе биде извршена обдукција.
Жителите од населбата „Билјанини извори“ која некогаш важеше за мирна и тивка, со загриженост зборуваа за немилиот настан, за кој како што рекоа се информирале од медиумите.
-Слушнав oд медиумите. Загрижена сум. Се нешто се случува овде. – изјави повозрсна жителка на населбата.
Неодамна во оваа населба се случил грабеж на продавница, а локалните жители раскажуваат дека изминатата година имало и повеќе кражби во домовите. Се надеваат дека убиецот на Спаса Бојоска брзо ќе биде фатен и изведен пред лицето на правдата.
OhridNews













