11:17 Едно лице е пеиведено под сомнение дека е извршител на убиството врз 67-годишната Спаса Бојоска од Охрид која завчера беше пронајдена мртва со повеќе убоди од нож во својот стан на улицата „Галичица“ во Охрид.
„Во координирана акција на надлежните органи, лоцирано беше лицето кое е осомничено за извршеното разбојништво со смртни последици, кое се случи во Охрид на 20 февруари. Лицето е лишено од слобода во тек се дејствија за натамошно расветлување на кривично правниот настан. Осомничениот кој потекнува од Куманово, во моментот на разбојништвото живеел во иста станбена зграда со жртвата и се познавал со неа. По извршеното разбојништво, осомничениот заминал за Куманово со намера да излезе од границите на државата.“ – соопшти Јавното обвинителство.
СВР Охрид претходно соопшти дека се обезбедени повеќе докази кои укажуваат дека полицијата има конкретна трага која ќе помогне да се расветли случајот кој го потресе Охрид.
– За време на увидот на местото на настанот пронајдени се одредени предмети кои верувам побрзо ќе не донесат до можниот сторител на ова кривично дело.– изјави портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.
Mотив за убиството најверојатно е стекнување материјална корист. Жената која примала пензија од странство живеела сама, откако нејзиниот сопруг со кој подолго време живееле во Германија починал неодамна. Напаѓачот испретурал по станот на жртвата, а се претпоставува дека убиството се случило среде бел ден. Откриено е вечерта во понеделникот откако роднините се загрижиле зошто нивната блиска не одговарала на телефонските повици.
Полицијата утрово обезбеди два контејнери во центарот на Охрид, каде наводно осмничениот фрлил дел од доказниот материјал поврзан со случајот.
Од почетокот на 2017 СВР Охрид регистрирала три кривични дела разбојништво, од кои едно во непосредна близина на местото каде се случи убиството.
Г.М.















